Изложба
“Ветување” е 12-тата изложба на Маја Ралева Миладиновски што ќе биде отворена на 21 ноември во 19 часот во ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков”. Делата се од 2016 со мали надополнувања во 2022 година. Создадени се 20 слики во мал формат и 15 на картон. Сите се поделени на пет препарирани платна каде композициски се распоредени како една голема слика.
– Насловот го дадов затоа што изложбата е ветена на еден голем човек, правник, учител и подржувач на уметноста, археологијата, културното наследство и културата воопшто во Македонија. На Јован Ристов, човек кој цел живот го посвети на заштитата, културното наследство и голем љубител на уметноста и уметниците со генерации наназад. “Ветување” е приказна од пред деценија ипол. Исполнета е со многу раскажани случувања на мал сликарски формат, преточена во сликарска инсталација која се состои од пет големи платна на кои се поставени мал формат на сликарски секвенци кои раскажуваат приказна на сеќавање. Преку разлеаниот спектар на бои и енергија, балансирано и внимателно го раскажувам својот автентичен ракопис. Приказна е надополнета и никогаш не е здодевна. Пораката е пронајди повод славење, сподели љубов, сподели радост, тага, сподели емоции на платно за да имаш непосреден другар за плачење, радување, викање – вели Маја Р. Миладиновски.