За тутунарите
“Откупот на тутунон може да почне најрано од 18 ноември, ако компаниите се подготвени”.
Ова го кажа министерот за земјоделие Цветан Трипуновски во Тутунскиот комбинат.
Информира дека се склучени договори за откуп на 26 илјади тони тутун од 16 800 земјоделски стопанства во Македонија.
– Година се очекува реколтата на тутунот да биде за 10 отсто потешка од лани, односно од 16 до 17 илјади тони. Очекуваме одличен квалитет. При крај е подготовката за откуп на сите 10 компании со 298 откупни пункта на 305 ваги. Најраниот рок за отворање на откупните станици е 18 ноември, а најдоцна до 15 декември.
Трипуноски рече дека присуствувал на состанокот група за тутун во во министерството.
– Се разговараше за почетокот на откупот на тутун, за квалитетот и квантитетот што се очекува, за законските измени што ќе важат за наредната година. Тоа е во фаза на преговарање. За цените по класи, се знае дека се дефинирани со склучувањето на договорите. Првата класа е 375 ден, втората е 300, третата е 240 денари, и дополнителната 115 денари. Земјоделскиот инспекторат, како надлежна институција за контролата на откупот на тутун ќе биде максимално фокусиран. На земјоделците треба да им се вреднува трудот и да им биде платен. Новина годинава е дополнителната поддршка со исплата на по единица површина, односно шест илјади денари за хектар кои ќе ги добие секој тутунар кој го пријавил производството од реколта на 2024 г. Останува истата висината на субвенциите, прва класа, 80 денари, втора, 70 и трета, 60 денари за килограм тутун.
На новинарско прашање за почетокот на тутунскиот откуп, Александар Алексоски генералниот директор на Тутунски Комбинат Прилеп посочи дека компанијата е целосно подготвена за откупот:
– Имаме подготвени 26 откупни центри, што непречено можат да го започнат откупот уште утре. Законскиот рок за почнување на откупот е од 15 ти ноември до 15 ти декември, што значи дека сите откупни центри заклучно со 15 ти декември ќе бидат отворени.