Даниел Мелвил Македонска рапсодија 55

– Гледам дека имате предодредено име…

– Моето име значи дека не сум роб. Убаво име што ми го дал нункото без да помисли за она што еден ден ќе ме снајде. Нераб е навистина красно наше древно име. Туку, да одиме понатаму, оти немаме неограничено време, а ситуацијата е многу опасна.

– За кого?

– За сите. За Македонците, а и за целото овдешно човештво. Наедно и за сите планети населени од типот на Земја во сончевите системи од овој млечен пат. Во него има најмалку сто милиони такви планети. Ова е првата криптоагресија. После ќе дојдат илјадници други вселенски бродови, ќе киднапираат неколку илјади хуманоиди по различни планети, ќе ги третираат масовно во специјални вселенобродови-ателја. Преку нив ќе продолжат тајно да ги освојуваат нивните матични светови. Сите ќе бидат претворени во робови или ќе бидат физички уништени. На овој брод има околу 1600 киднапирани Македонци, деца, жени, мажи. Тоа е направено само во минатите неколку недели.

– Дали веќе ги третирале?

– Не, овој  вселенокораб е еден вид втора извидница, пред да се изврши големата масовна акција. Затоа и не е екипиран за толкава маса луѓе да бидат третирани, трансформирани. Ќе ги однесат за таа цел на некоја од специјализираните планети во Гаринската Федерација, ќе ги трансформираат и после ќе ги вратат во овие простори. Ако ова сега не им успее, тогаш, спрема нивната вообичаена политика, ќе го избришат од нивните планови овој млечен пат и ќе се упатат кон дуги, сметајќи, меѓу другото, дека овдешните светови се опасни за нив. Со други зборови, ние треба… да ги исплашиме за да не остават на мира еднаш за секогаш.

– Да ги исплашиме, ама како, Нерабе? Ако осетат што спремаме, ако не фатат?

– Тогаш ќе не третираат индивидуално, бидејќи за тоа се екипирани на бродов, и ќе продолжат со нивната работа овде.

– Можеме ли да сметаме на помошта од некои на вселенокорабов?

– На никој друг освен на Алга, која е исклучок. Со неа се засакавме и нашата љубов е голема. Никој не знае за тоа.

– Третираните, т.е. трансформираните?

– Ништо од нив не може да се очекува. Сите ќе си ја вршат работата за која се определени. Нема да се мешаат во никаква борба. За нас, единствено се опасни Гаринците на бродов и категоријата на борци, војници. Овие до еден ќе изгинат. Никој нема да се предаде. Бессмилосно ќе се борат, оти за тоа се направени. Со третирањето осетот на болка им е многу смален. Не знаат што е страв. Од практични причини оставен им е инстинктот за самоодржување, за да не си го даваат евтино животот.

– Не е ли можно да преговараме со Гаринците и да најдеме некој модус виденди добар и за нив, и за нас?

– Апсолутно не. Ќе ветат сé и, потоа сите ветувања ќе ги прекршат. Интелектуално не се понапред од нас, но технолошки се, ама не се толку напред да помагаат на други човештва некористољубиво, филантропски. До тој стадиум не се дојдени. Ништат сé што е послабо од нив технолошки. Претвораат во живи машини. Како и ние, имаат само три мозоци, не повеќе. Со други зборови, не се поеволуирани од нашево човештво, четвртиот и други мозоци уште не им се развиле во главата.

 (продолжува)

Loading