Проекти за изградба на театарот и за реконструкција на Домот

НУ Центар за култура “Марко Цепенков” го доби проектот за изградба на новиот театар. Документацијата неодамна е завршена од проектантите, односно Центарот располага со комплетна ревидиран проект за реконструкција со доградба и надградба на објектот наменет за НУ Центар за култура “Марко Цепенков” за обезбедување на простор за театарот.

Од Центарот велат дека станува збор за два одделни проекти на барање на Министерството за транспорт и врски.

– Првиот е основен проект за реконструкција на постоечкиот објект на Домот на културата, а вториот е основен проект за доградба и надградба на постоечкиот објект и изградба на театар. Реконструкцијата на објектот на НУ ЦК “Марко Цепенков” се однесува на содржинско збогатување и функционално редефинирање на просторот, како и подобрување на постоечката физичка состојба на просторот и замена на дотраените материјали и техничка опрема, спроведување на соодветна просторна дистрибуција на постојните и додадените функции и оформување на простори во кои и публиката и вработените ќе се чувствуваат комфорно и безбедно. Доградбата и надградбата на објектот на ЦК се однесува на обезбедување на целосно нов простор за театарот во рамките на институцијата, со претходно отстранување на дел од просторните целини од постоечкиот објект, при што основниот проект треба да се изработи врз основа на идејното решение кое е составен дел на оваа проектна програма. Двата дела, предвидената реконструкцијата и доградбата со надградбата, ќе делуваат како една содржинска целина, со можност самостојност во иднина. Сега сме до фазата каде од Министерството за транспорт и врски чекаме одобрение за градба. Следен чекор е обезбедување на финансиски средства. За двата проекта побаравме од Министерството за култура и туризам обезбедување на финансиски средства кои треба да се одобрат во годишната програма за изградба на нови објекти и реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти користени од националните установи од културата за 2025 година – вели Марија Попова Јованоска, в.д директор на ЦК “Марко Цепенков”.

Средствата за изградба на театарот, но и за реконструкција на домот  не се мали. Според проектантите, за изградба на театарот ќе бидат потребни околу 18 милиони  евра, а за реконструкција на домот околу 9 милиони евра.

Доколку се реализираат проектите ќе се создаде нова слика на градот со новопроектиран објект кој ќе го отслика сегашното време, а истовремено ќе му даде нова слика на домот на културата и ќе го надополни веќе постоечкиот комплекс.

-Се надеваме дека државата и сите други чинители,  како  општината и општествено одговорните компании, сите заедно ќе изнајдеме начини следните години да се реализираат проектите во интерес на граѓаните, и на културата и уметноста воопшто, бидејќи театарот работи во стар објект, а наредната година прославува 75 години од формирањето, а пак домот веќе 45 години е репрезент на културата и уметноста во градот – додава Јованоска.

Loading