Центарот е милина и зиме и лете, цела година. Оваа стара слика на дел од плоштадот “Методија Андонов – Ченто” е потврда на здравите градски корени. Плочникот пред бизнис центарот некогаш бил улица каде главно се движеле граѓаните. Тоа бил и простор за минување на коњите и магарињата со по некоја запрежна кола, оти автомобилите биле реткост. Неколку граѓани располагале со по некој мотоцикл или велосипед. Не се загадувал просторот, ако не се смета изметот на добитокот.
Градското централно јадро пред хотелите Југославија и Јадран било пешачка зона која водела од Долно маало, Варошко маало, па после и од Бончејца кон Старата чаршија каде пулсирал животот во градски ритам низ звукот на ковачите, дограмаџиите, самарџиите, бочварите, тенекеџиите и другите занаети.
Денес, наместо занаетчиите да создаваат бучава од силните удари на чеканите по тенекиите и железата, се слушаат децибели на гласна музика од различни жанрови.
Сé има свое време?