45 години ЦК “Марко Цепенков”
За одбележувањето на 45 години во ЦК “Марко Цепенков” од утревечер па во наредните денови ќе се реализираат повеќе концерти и ќе биде отворена изложбата на дела од колонијата Дрен 2024.
Утревечер, сабота, во фоајето од 20.30 часот ќе се одржи Вечер на аргентинска музика. Ќе настапат Марија Јанчулеска – виолина, Филип Петрески – хармоника, Александра Чуруковска – контрабас и Тамара Коминовска – пијано. На програмата се популарни аргентински композиции.
На 11 ноември, понеделник, од 19 ч во фоајето е концертот на Женскиот камерен хор Керамија, кој ќе се претстави со дела од духовен карактер, македонски народни песни, песни од македонска забавна музика и англиски хитови. Диригент е Катерина Попоска. Музички соработници на концертот се Иле Иваноски, пијано, Менде Ташкоски, тамбура, Филип Бурнески, тарабука, тапан. Поезија ќе читаат Лина Димоска и Филип Димкоски. Гости се Поп рок хорот БИТ ВОКС од Битола под диригентска палка на Марина Коруновска и пијано корепетиција на Александра Ристовска.
На 12 ноември, вторник, од 20 ч. е концертната промоција на албумот “Од колено на колено” од Александар Јовевски, композитор, аранжер, инструменталист (кавал, тамбура) и музички лидер на етно составот Монистра и дел е од речиси сите етно проекти во државата, кој има прилепско потекло. Ова е нов музички етно албум чија база е македонскиот фолклор, традиција и идентитет. Проект е од национален интерес. Членуваат професионални музичари со народни инструменти, кавал, тамбура, канон, женски вокали, збогатени со клавијатури.
На 14 ноември, в четврток, од 18.30 ч. во салонот ќе биде отворена изложбата на дела од ликовната колонија Дрен 2024. Ќе бидат претставни творби од уметниците кои годинава учествуваа на манифестацијата, која ја доби третноноемвриската плакета на општина Прилеп. Со изложбата и со концертот на ФИА ТРИО Центарот тој ден ќе го одбележи официјално роденденот на институцијата. За идниот петок годишен концерт ќе одржи октетот Прилеп.