Под пријатната струја од тушот, Сирма размислуваше, оти токмо затоа побара да се “поодмори”, бидејќи всушност, војник со големи теориски познавања и практично искуство, ниту најмалку не беше изморена и нервно шокирана од својата авантура. Целта í беше да открие најмногу можно за неземниот вселенски брод, за неговата технологија очигледно далеку понапред од земјанската, за хуманоидите во него, ако се хуманоиди, а не некој друг вид суштества надарени со интелигенција! -, а и за местото од каде потекнуваат и за тоа каква е нивната цивилизација. Излезе од бањата, облечена во летна офицерска униформа што многу добро и прилегаше. Влезната врата се отвори, влегувајќи странично во ѕидот и еден од чуварите со златножолтиот обрач околу главата влезе, туркајќи пред себе двоспратна масичка со колца со на неа послужени јадења, пијалоци, слатки и плодови. Атлетски развиениот маж молчеливо се поклони пред неа. Потоа, заврти нешто во масивната тока од својот ремен и го сметна од главата обрачот чии непроѕирни стакла му ги криеа очите. Сирма се загледа во неговите сосема бели очи без ириси. Човекот тивко и рече на сосема чист нормален македонски јазик:
– Вака изгледаат очите од сите оние кои на корабов носат обрач околу челото. Сите се слепи и без обрачот-апарат не можат ништо да видат.
Иако ваквите очи даваа страшен изглед на лицето од човекот, офицерката спокојно го праша:
– А вие?
– Јас гледам бидејќи… – човекот премина со раката преку очите и потоа и покажа на дланката еден чифт бели поврвнини со формата на предниот дел од рожницата на окото. Еве со ова ги кријам моите ириси, а другите не поседуваат ириси. Ова ми помага Гаринците да мислат дека сум трансформиран како и другите робови на вселенобродов.
– Кои се Гаринците?
– Седнете, ќе разговараме додека јадете. Гаринците се жители на една меѓупланетска федерација во центарот од вселената, Федерирани Планети Гаринија.
– Вие сте Македонец, барем судејќи по познавањето на јазикот?
– Да, се викам Нераб. Една гаринска извидница испратена во овие простори ме киднапира во близината на Прилеп пред девет години. Ме однесоа на планетата-престолнина Гаринија, каде ме спаси од “трансформирањето” Алга, истата што ви зборуваше пред малку. Инаку сега ќе бев како и другите инфериорни категории на вселенобродов.
Сирма, џвакајќи еден залак, го покани да седне визави неа крај масата и го праша:
– Ќе бевте како другите, то ест?
– То ест, ќе бев претворен во зомби со уништување на некои зони во мојот мозок, и со трансформации што од мене ќе направеа да принадлежам на една од категориите на човечки машини: војник, или работник, или нешто друго.
– Какви човечки машини има на вселенобродов?
– Воглавно два вида: зомби, тоа се луѓе киднапирани по различни светови слични на земјанскиов, или биолошки роботи, направени во лабораториум од известен број човечки клетки. И едните, и другите немаат никаква автономија, туку се сведени на ниво на робови за избршување на работите за кои биле определени. Сега, првпат еден вселеноброд од Гарнија иди во овој дел од космосот со цел да го искористи максимално. Кога жителите на овие вселенски простори ќе сознаат дека се скришно нападнати, ќе биде веќе доцна, нема ништо да можат да сторат за да се одбранат.
(продолжува)