Алармантната бројка на деца со проблеми во развојот и во однесувањето се причина да кажеме збор – два за штетното влијание на екраните врз развојот на децата.
Често децата, па дури и малите бебиња се забавуваат, гледајќи во паметните телефони, таблети и други екрани. А родители не размислуваат дека времето минато пред нив може да остави големи последици на детското здравје. Предолго изложените деца на екраните почнуваат да се затвараат во себе, имаат проблем со комуникацијата, говорот, концентрацијата… Ако не се препознаат навреме негативните работи, настанати поради прекумерното минување пред екраните, можни се поголеми последици.
Здраво родените децата не се невроризични. Но, како резултат на преголемата изложеност на екраните уште во првите години од животот покажуваат одредени отстапувања во говорот, комуникацијата и однесувањето. Тоа се деца кои седат и до 3,4, па и 5 часа на ден пред екраните. Гледаат во телефоните додека јадат, додека се облекуваат, додека им се средуваат ноктите… И кога ќе се види дека тоа излегло од контрола, детето се повлекува во своите светови и ќошиња, или кога им се зборува, игнорираат, не обрнува внимание на браќата и сестрите, на новите гости и слично. Тогаш ситуацијата е веќе алармантна.
Што се случува?
Ако детето од мала возраст е изложено на екран, тоа вежба да комуницира со екраните и се обидува да воспостави комуникација со содржините на него. Со оглед на тоа дека содржините не возвраќаат, детето почнува да се затвара во себе, бидејќи не добива никаков одговор во комуникацијата. И тоа научува дека во екранот постои еден свет за тоа да развие друг свет за себе, со тоа што тие два света меѓусебно не комуницираат. На тој начин детскиот мозок се вежба за исклучување. Од друга страна пак во очај да направи некаква комуникација со содржината на екранот, детето почнува да ја учи содржината, односно да го учи англискиот јазик со истата интонација како што ја слуша. Така, често се слушаат родители како се фалат дека нивното дете знае англиски, а всушност постои говор што не е функционален и што не може да се користи за комуникација.
Со седењето пред екран не се развиваат останатите центри во мозокот и не се формираат нервни мрежи кои се многу важни за пренесување на информациите. Мозокот се развива само со движење, бидејќи само на тој начин се прави миелинизација на нервното влакно и на тој начин се формира нервната мрежа, а таа нервна мрежа е всушност способноста. За секое движење кое ние треба да го направиме треба да се формира центар во мозокот. Затоа децата не треба да се поштедуваат од стекнување на искуства и треба да им дозволиме самостојно да ги формираат центрите во мозокот. Не смееме да дозволиме да ги храниме со блендирана храна до 4 години и тоа пред екран само за да не се извалкат, бидејќи на тој начин тие само механички зинуваат, “зјапаат” во екранот и не ги вклучуваат своите сетила за тоа што го пробуваат и вкусуваат. Оралниот апарат треба да се развива и децата треба да пробуваат секаков вид на храна. Не смееме да ги возиме во количка до 4 години само за да седат мирни и да не мора да трчаме по нив, бидејќи, како што веќе кажавме, мозокот се развива само со движење, детето треба да оди, да трча, да скока, да научи да паѓа, само така ќе развива рамнотежа и координација.
Постојат точно одредени периоди во развојот на детето кога се развиваат одредени способности. Се знае кои способности во кој месец од животот се развиваат, но тоа нема да го направат сами од себе, туку им е потребна стимулација, дразба од надворешната средина.
Како екраните прават зависност?
Сите сме слушнале за допаминот. Тоа е невротрансмитер кој е задолжен за контролирање на реакцијата на мозокот на награда или уживање. Кога правиме нешто во што уживаме, на пример минуваме време на социјалните мрежи или пак играње видеоигри, мозокот ослободува допамин, што предизвикува чувство на задоволство и среќа. Во нормални услови допаминот е во нормални физиолошки граници и се покачува само кога ќе дожевее нешто многу убаво, некој успех и сл. Кога децата играат видеоигри, нивото на допамин се зголемува со секое следно ниво што го постигнуваат. Допаминот се “билда” се крева, така што нивниот мозок е постојано со високо ниво на допамин. Тој мозок ништо не може да го задоволи.
Едно од најзначајните откритија во невронауката е дека задоволството и болката се процесираат во ист дел на мозокот, постојано се обидува да ги одржува во баланс. По излачувањето на допаминот, мозокот се адаптира, намалувајќи го бројот на рецепторите што се стимулирани. Ова доведува до “натежнување” на страната на болката. Затоа задоволството е проследено со чувство на исцрпеност, замор, безенергичност. После некое време тоа чувство поминува и се враќа во нормала, односно мозокот направил баланс, за по некое време пак да се врати потребата да се врати кон изворот на задоволство, односно да се врати по нова “доза”. Ако ова се повторува доволно долго, точката што го дразни мозокот за чувство на задоволство, ќе почне да се менува, односно, ќе се враќа на изворот не за да постигне некакво задоволство, туку да го постигне претходниот баланс, односно чувство на нормалност. Значи, веќе не се играат видеоигри или не минува време на социјалните мрежи да се добие чувство на задоволство, туку заради чувство на нормалност, и да не се биде нерасположен или тажен. Ако сега се запре со тие активности, има симптоми или последици од зависност, како на пример анксиозност, надразливост, несоница и сл.
Зависноста од дигиталните уреди овозможува задоволство на оддалеченост, со што сé е достапно само со еден “клик”.
Покрај сите овие задоволства и сето ова изобилие во кое живееме, сепак, како нација, никогаш не сме биле потажни и никогаш стапката на депресии, физичка болка и самоубиства не била повисока.
Затоа се препорачува помалку време пред екраните, односно ограничено време со коментирање на содржината што се гледа, за да може мозокот да се врати во баланс и да функционира со нормално ниво на допамин.
Оставете ги децата да играат надвор со вода, со песок, во кал, во земја, во снег, како што вие игравте некогаш и овозможете им да го доживеат детството. Само така ќе стекнат различни искуства.
М-р. специјален едукатор и рехабилитатор Гордана Иваноска ЈОУДГ “Наша Иднина” Прилеп