Дивиот танц на водата на воденските водопади

На околу 130 километри од Прилеп, во Егејска Македонија, во Грција, распослан е градот Воден или Едеса, како што го викаат Грците. Дом е на околу 20.000 жители. Поврзан е со Солун со железничка пруга. Поради многуте природни езера, водопади, кои се атракција, наречен е Воден.

Низ историјата бил населуван не само со грчко, туку турско и македонско население. Подоцна, Грците станале доминантни. Се чувствува различната култура, традиција, фолклор… Знаменитости се црквите Покров на Пресвета Богородица – епархиска катедрала, Успение на Пресвета Богородица – старата митрополска црква, Св. Петар и Павле, Св. Троица –  женски манастир.

Околина е богата со вода. Има многу реки, водопади, поточиња кои жуборат… Пределот е познат како Паркот на водопадите, кои се на реката Вода. Уживање е посетата на Паркот, сместен е во источниот дел на градот. Зафаќа околу 10 хектари. На јужната граница се погоните на старата воденска јажарница, прогласена за споменик на културата. Меѓу патеките на паркот е и стариот пат кој бил дел од познатата магистрала Виа Игнација и ги поврзувал древниот град Едеса и воденската тврдина (Варош) со Солун сé до почетокот на 20 век. Водопадите се образувале во 14 век со силна природна појава (се претпоставува дека имало земјотрес). Со времето, карпите пукнале и низ пукнатини се пробиле водите од езерото кое тогаш постоело во западниот дел. Паркот е во надлежност на Општината. Локалните власти се погрижиле да го уредат инфрасткруктурно, “дофатлив” и привлечен за посетителите. Иако во минатото имало повеќе водопади, сега има седум. Само два се достапни. Најголемиот е наречен Каран со височина од 70 метри. Водата паѓа и се слева надолу. Околината е уредена. До највисокиот водопад се стигнува по бројните скали, кои завршуваат под него. Има неколку одморалишта од каде можете да ужива во моќниот жубор на водата. Долу, покрај водопадот, има одморалиште со клупиза пријатни и убави моменти за очите. Атракција е минувањето под карпата од која се слева водата. Не се опишува чувството со зборови. Може само да се доживее. Ако сте веќе таму, сетилата ги мами пештерата пред водопадот.

Исплакнатите очи со даровите на природата, чистиот воздух, дополнителен кеф е кафулето над водопадот.

 Текст и фото Ка.М.

Loading