Неочекувано, слизгајќи се без никаков шум од лево надесно, една врата се отвори и исчезна во лежиштето во ѕидот. Влегоа двајца колоси, голи до појасот, со куси светливи панталони и сандалки со златна боја. Застанаа простум секој на едниот крај од вратата. На појасот носеа кутија што можеби беше некакво оружје. При секое нивно движење мускулите им “шетаа” како да имаат и глувци под кожата на рацете, нозете, градите, стомакот. Обрач широк околу 4 см. им ја обиколуваше главата. Изгледаше како да е од злато. Пред очите, обрачот блескаше темен како исчадено стакло од очилата за сонце, што се носеле во минатите векови. Заради тоа “стакло” не беше можно да се видат нивните очи. Неколку мига потоа, во келијата, ако беше затворска, влезе висока млада жена со виолетова коса и ириси очи што светкаа како фосфоресцентни. Од китката на рацете до половината од лактите носеше златна плоча-белезица, можеби за украс и наедно за заштита, што ли. Кус бел фустан “до половина бут” и позлатени сандалки. Широк зелен појас со голема тока украсена со брилијанти што дифузираа пламење како виножито и, базата од лебедовиот врат обиколена со црна лента со украсна тока на предниот дел. Во интервал од десетини секунди извежбаното војничко око од Сирма ги согледа сите тие подробности. Си рече во себе дека двајцата колоси се сигурно војници со голема физичка сила, а младата отмена жена е многу убава. Оваа зазборува со некаков чуден непознат странски акцент:
– Се викам Алга, а вие, колку што знаеме, се викате Сирма и функционирате како шеф на еден воен гарнизон во Македонија. Гувернерот на овој меѓугалактички кораб ме испрати да ве замолам за извинување, бидејќи нагрешка сте недостојно третирани. Грешката ќе биде исправена и ќе ви се исплати отштета…
– Не разбирам зошто тогаш не дојде лично “гувернерот”, туку ве испратил вас? – праша Сирма.
– Затоа што јас го научив македонскиот јазик. Освен тоа, сака да ви даде време да се соземете по претрпениот шок. Потоа ќе и бидете лично ќе разговарате со неа, преку мене во својство на преведувачка. Кажете што ви е потребно и колку време ви треба да се одморите и да се средите?
– Првин ми треба клозат и туш, потоа нешто да се закрепам, оти долго време не јадев. После ќе се одморам малку, само не знам како да ве викнам кога ќе бидам спремна да се појавам пред вашиот старешина…
Алга “погали” со раката едно место на металниот ѕид десно од неа до отворот од вратата и веднаш се појави отворот на друга врата зад која, под пријатна светлина се гледаа бања со туш и клозет. Пак “погалување” и во собата се појави мебел. Клупата-кревет, тврда како штица, исчезна во подот наместена со вистински кревет, богато екипиран и украсен. Собата, иако беше мала, во неколку мига се претвори во нешто сосема удобно и пријатно.
– Кога ќе сакате да ме повикате, допрете го со дланката ова место, покажа Алга на ѕидот еден зелен квадрат што таму се појави заедно со другите трансформации на просторијата. Сега си одам. Пријатно!
Младата жена со црвените фосфоресцентни ириси си отиде, следена од двајцата молчеливи гиганти. Додуша и Сирма беше висока жена и само малку пониска од Алга и од нејзините чувари.
Офицерката почека малку, го допре црвениот квадрат до вратата, што веднаш потоа бесшумно се отвори дозволувајќи да се погледне во ходникот осветлен со блага светлина. Барем на прв поглед, не е повеќе затворена во собата! Отиде да се освежи во бањата, веројатно направена по типот од старите кабинети од тој вид, бидејќи модерните во Македонија беа сосема различни од некогашните, “музејските”. Можно беше бањата да е направена набрзина специјално за неа, по примерот од старите бањи и клозети, за кои на овој вселенски брод поседувале или нашле литература… ама стара, многу стара литература и фотографии!
(продолжува)