Четири ипол децении растеж на храмот на културата

НУЦК Марко Цепенков

Националната установа, центар за култура “Марко Цепенков” во ноември одбележува 45 години од формирањето. Дејноста ја започнува на 14 ноември 1979 г. со отворање на изложба од прилепски автори и со специјално подготвената театарска претстава “Факел” од Коце Солунски. Првин Домот на културата ги потикнувал аматерските самодејности, фолклор, сликарски школи, литературни, драмски и фото клубови. Во 90-те години во рамките на Домот влегуваат културно просветната заедница (КПЗ), списанието за литература, уметност и култура Стремеж”и Центарот за современа ликовна уметност. Домот прераснува во Центар за култура “Марко Цепенков” Прилеп со професионална значајна издавачка, ликовно – галериска и сценско музичка дејност.

Во 2004 г. го добива статусот, Национална установа, Центар за култура “Марко Цепенков”  каде влегува и театарот “Војдан Чернодрински”.

– Значајно е 45 години да се создава, чува и негува богатото културно наследство, вткаено во сопствениот подем, во растот на градот кој неуморно покажува и докажува дека раѓа и одгледува писатели, сликари, актери, музичари, слободоумни луѓе со визија. Кога ја одбележуваме годишнината, цел месец имаме бројни активности. Необично е тешко и речиси невозможно да се систематизираат, па дури и само да се набројат сите културни настани што се создале, се промовирале, се зародиле, се одиграле во НУЦК “Марко Цепенков”. Институцијата е голем репрезент на високо професионални театарски, литературни и ликовни дела, но и дава значајна подршка за сите аматери.

За исклучително значајната културна дејност, како и за извондредните театарски, музичко сценски изведби, ликовна дејност, во 2009 г. НУЦК “Марко Цепенков” ја доби најпрестижната награда на Прилеп, Плакета “3-ти Ноември”. И годинава, нашата ликовна колонија Дрен е наградена со Третоноемвриска плакета од општината Прилеп. Тоа е потврда за професионалниот ангажман на институцијата на полето на уметноста, односно културата.

Сé што е сработено во Центарот е видливо. Останува аманетот за овие сегашни генерации да придонесат да се подигне на уште повисоко рејтингот на институцијата, да се најдат начини за поддршка од државата за реконструкција на објектот, но и за изградба на нов театар. А, понудата на квалитетни  настани секако ќе бидат во прв план, бидејќи опстојуваме и работиме за публиката и за граѓаните – велат од “…Цепенков”.

Loading