Островот со фантастичен залез

Санторини

Санторини е еден од најубавите грчки острови. Вуланското тло го прави омилена дестинација. Плени со белите куќарки, убавото море и најубавиот залез на сонцето. Копното во морето е најубаво да се посети во мај или во октомври кога нема метеж. Летните месеци не само што тешко се наоѓа сместување, туку и има премногу туристи, па разгледувањето ќе оди потешко. Каде и да се отседне е убаво. Сепак најдобро е местото Камари. Мирно и тивко е, со убава црна плажа и многу хотели, ресторани, ама и мали продавници. Оттаму може да се разгледува островот. А, Пиргос е највисокото населено место. Воодушевување претставува прошетката низ тесните улички. Импресивна е и тврдината и црквата Св. Марија. Можно е да се направи комплетна прошетка  за да остане како незаборавно доживување. Привлекуваат и Акритори и археолошкиот локалитет. Блиску е Црвената плажа. Многу е впечатлива со карпите и каменчињата во морето. Импресивни се и традиционалните села. Воздишки предизвикува и манастирот Нектариос со поглед на двете страни на островот.

Најпривлечно е слегувањето од неколку километри по патеката што ги поврзува Фиростефани и Фира. Целото патешествие е 10.5 километри. Надолу се протега погледот на морето, вулканот и залезот на сонцето. Фира е главниот град. Тоа е место кое плени со белите куќарки, сините покриви, продавниците, рестораните, кафулињата. Туристите заседнуваат за феноменалната панорама кон морето. Тесните сокачиња во грчки стил се полни со продавачи на сувенири кои “кандисуваат” и ја дополнуваат атмосферата.

Преодот на денот во ноќ најубаво се доживува во Иа. Сонцето се дави во морето како огнена портокалова топка. Далеку пред зајдисонце, се “фаќа” место да  се долови реткиот залез. Глетката не се опишува.

Иа е убав град со бели куќарки со сини детали. Полна е со атрактивни места за фотографирање. Вообичаената стара грчка островска архиотектура е скорена на врвот. Начичкана е со продавници, ресторани, кафулиња и најлуксузните хотели.       

Умешните домаќини смислиле крстарење до блиските мали островчиња со бротче на зајдисонце. А до пристаништето се стасува со жичница или пешки по стрмни скали. Нужна е вниматлност при слегувањето или може да се најми и магаре со водич. Бродот плови до островот со активниот вулкан. Во близина извира топла вода, а на Тирае можно капење и уживање во вкусот на традиционалното грчко гиро. Башка од морето, разладување се бара и во сладолед и освежување со грчко кафе… На враќање, бродот плови покрај калдерата и се гледаат убавите бели санторински градови. Островот е богат со лозови насади. Затоа е можна прошетка до винаријата, Островјаните се мајстори за производството на вино од печеното грозје од сонцето, со специфичен вкус, никнато од вулканското тло.

Санторини е најромантичен остров  за уживање.

Текст и фото: Каролина Мицевска

Loading