Вечерва од 19 часот во големата сала од ЦК “Марко Цепенков” целовечерен концерт ќе одржи Стефче Стојковски со неговиот ансамбл на народни инструменти и песни. Гости се Октетот Прилеп и КУД Моминок
Виртуозот на изворни народни инструменти Стефче Стојковски, љубовта кон народните инструменти ја добил од дедо си и татко си, кои биле. долгогодишни членови на традиционални фолклорни ансамбли. Издадал повеќе аудио и видео материјали и работи и на филмска музика. Настапувал низ повеќе држави низ светот. Над триесетина години успешно ја промовира македонската традиционална музика.
Од дете другарува и учи да свири на кавал. Подоцна и другите народни инструменти,: гајда, тапан, шупелка, дудук, зурла, тамбура, кемане…
– Свирењето на народни инструменти е традиција во семејството. Љубовта ми ја пренесоа дедо ми и татко ми. И тие беа музичари и долгогодишни членови на традиционални фолклорни ансамбли. Ме учеа да знам што е наша македонска традиција и што значи свирењето на изворни инструменти. Ми ја преточија љубовта за музиката, песната, орото кои нé одржале со векови и се симбол на ентитет и културен идентитет – вели Стојковски.
На седум години почнал да свири на кавал, а на девет ја имал и првата аудио снимка. Бил најмладиот победник на Фестивалот на народни песни и инструменти “Пеце Атанасовски” во селото Долнени.
Талентот му овозможил да ги совладува свирачките вештини и на други народни изворни инструменти. Како млад надарен инструменталист настапувал на сите фестивали во Македонија и поранешна Југославија. Учел и соработувал со повеќе врвни музичари и инструменталисти. Го издвојува незаборавниот гајдаџија, Пеце Атанасовски.
– Атанасовски беше еден од моите први учители. Сум благодарен за сето она што тој го остави за идните генерации. Го заменив во народниот оркестар на МРТВ – додава Стојковски.
Во над 30 годишната богата музичка кариера настапувал и надвор од границите на Македонија. Звуците на народнитѕе инструменти отвараат нови хоризонти за македонската традиционална музика.
– Сум настапувал низ светот. Со гордост ја претставувам македонската музика преку народните инструменти. Бев и на ЗОИ во Сараево и на Олипијадата во Лондон во рамките на културната олимпијада како претставник од Балканот. Се сеќавам на настапот пред рускиот претседател Владимир Путин и поранешниот Патријарх на Руската Црква Алексеј” – истакнува Стојковски.
Тој е носител на повеќе награди и признанија, меѓу кои и наградата во Ј. Кореја од УНЕСКО за зачувување и негување на традицијата и културата.
Основач е на Ансамблот на народни инструменти и песни “Стефче Стојковски”.
– Идејата ми беше да создадам белег во музичката историја на Македонија, репрезентација на Македонија од инструменталисти за афирмација, негување и чување на богатството на традиционалната изворна музика. Кусо да се остави културна архива – објаснува тој.
Стојковски е потпишан на бројни аудио и видео материјали. Води семинари за традиционална музика и ора во Македонија и во странство.
– За жал, за семинарите за изворна музика, повеќе интерес пројавуваат странци, отколку домашните инструменталисти – вели Стојковски
Се гордее што успеал љубовта кон музиката од неговите претци да ја пренесол на еден од неговите синови, Теодор, кој пројавувал интерес за музиката и веќе свирел на гајда.