Претседателот на КОНЕПО, чија фамилија потекнуваше од Одрин, филозофот Каран, како сите висок, хармонично развиен човек, русокос, со бакрена боја на лицето од сонцето на Олимп Планина, каде во прекрасниот амбиент од градини и шуми бил на повеќенеделно медитирање во храмот Свето Сонце, заедно со писатели, поети, научници и други луѓе кои бараат повремено за нивната работа осаменост и спокојство, молкум ги прошета своите модри очи врз присутните, наседнати крај надворешната страна од големата маса во форма на коњска потковица. Сите членови на Комисијата за необјаснети појави се познаваа, но овде се обраќаа едни на другите со вие и го употебуваа само нивното име, а не и презимето. Некои од нив, како и други Македонци, имаа врз своите физиономии повеќе или помалку јасни отпечатоци од нивни “жички” од потекло од Црна Африка или од Жолта Азија. Каран, кој беше познат по својот лаконски концизен стил на зборување, со неколку реченици го “нападна” централниот дел од прашањето:
“Позивот ми дојде на Свето Сонце, каде бев на периодично повлекување од секојдневниот живот. Работата е итна. Како што е познато, подолго време исчезнуваат без трага и глас наши жители. Сега ги снема одеднаш сите жители од селото Пејоново. Овој пат имаме нешто што може да нé одведе до одговорите на прашањата, нешто што изгледа е вселенски брод долг еден 1200 метри, а во својот најдебел дел висок 600 метри. Објектот е приземјен во близина на Пејоново. Сосема е невидлив и е дискретно опколен и набљудуван од нашите жандармериски, полициски и воени сили. Предлагам веднаш да отидеме на местото. По патот ќе ви дадам и други информации”.
После кусиот говор, членовите на КОНЕПО разменија меѓу себе неколку речити погледи. Само Деница го дигна гласот:
“Дали нашите пријатели, владите од Албанија, Бугарија, Грција и Србија, се известени за овој настан, што е податен да има балканско, а и светско значење?”.
Претседателот и се насмевна на преубавата млада жена и рече:
“Претседателката на Македонија и Премиерот известија. Решиле засега проблемот да се третира како внатрешен македонски, а подоцна, во функција на она што ќе биде откриено, ќе се реши дали другите држави ќе бидат информирани од нас или, пак, не. Да одиме!”.
Сите станаа и се упатија низ подземните коридори кон “гумното” за полетување. Се качија во летачкиот автобус со таканаречениот магнетски мотор, планината се рацепи, ја пропушти летачката и пак се затвори без да остане некаква трага од отворот. “Отвори се Сезаме!”, подвикна Вито, во шега. Патниците, замислени, го набљудуваа теренот долу, што дефилираше во потполна тишина на “магнетскиот мотор”. Се слушаше само свирењето на воздухот што се триеше врз каросеријата целосно проѕирна како стакло.
Војводата, т.е. генералот на Битолскиот воен гарнизон, ја прими наредбата за акција од Министерството за одбраната во прилепската тврдина што, како и сите антички крепости во Македонија, беше комплетно возобновена и служеше делум за канцелариите на градската управа, друг дел за војската, а третиот дел беше користен за хотел-ресторан за туристи, кои од повисоките места, наседнати на големите чардаци се љубуваа на убавата глетка кон градот и кон Пелагониската рамнина. Штипјанецот Александар, штом ја доби наредбата, се поздрави со својот колега, прилепскиот војвода, и летна кон Пејоново со воена офицерска летачка. Во тек на неколкуминутното летање, ги контактира преку севишниот своите потчинети во Битолскиот гарнизон и им даде инструкции веднаш да дојдат, со дел од силите со кои располагаа, до Пејоново, да го опколат дискретно местото што им го определи и да чекаат нови наредби.
(продолжува)