Фудбал: Победа
Првиот меч есенва екипата Победа го одигра во Штип кај довчерашниот прволигаш Брегалница, а в недела при второто гостување пак гостува кај експрволигаш, Македонија ЃП во Скопје. Тежок меч, што може да значи дека ништо не може да се загуби, а може многу да се добие. За прилепскиот тим поволен е и нерешен резултат. Што се однесува до првиот меч како домаќин, Победа убедливо со 5:0 го доби со довчерашниот третолигаш Борец од Велес. Стрелци: Давид Дебрешлиоски во 15., Никола Талески во 32. од пенал и во 46., Павле Петров (автогол) во 55. и Ивица Трајкоски во 88. минута. Во значаен момент, при резултат 1:0, домашниот голман Антонио Столевски одбрани зицер, што многу придонесе кон натамошниот развој на настаните. Столевски не беше капитен затоа што лентата ја носеше Давид Дебрешлиоски, славеник и за првиот гол и за победата и за – роденденот, со оглед на тоа што токму тој ден наполни 20 години.
Табела: Арсими, Брегалница и Македонија ЃП 6, Кожуф и Вардар Н. 4, Победа, Башкими, Новаци и Детонит 3, Скопје 2, Осогово, Беласица, Вардарски и Саса 1, Охрид и Борец 0.