Валенсија – совршен спој на традицијата и модерното

Валенсија е трет град по големина во Шпанија. Сместен е на брегот на Средоземното море, познат по убавите плажи, богатата историја, култура, импресивната архитектура. Град е кој ја спојува традицијата и модерното, и затоа го посетуваат милиони туристи годишно. Секој посетител има што да пронајде интересно низ Валенсија, град во кој се наоѓа катедралата во која се чува Светиот грал, футуристичкиот Град на уметноста и науката, живописниот пазар, тесните улички, град на вкусната паелја и други  специјалитети. Град кој е фантастичен и ве освојува на прв поглед и со убавината и со гостопримството.

Прошетката започнете ја од Стариот град, познат како Циутат Велла.Ова е срцето на градот. Пленат импресивните знаменитости како што е Катедралата со Светиот грал, Ла Лонја дела Седа, Централниот пазар, плоштадите како што е Плаçа де ла Реина и Плаçа де ла Вирген. На секој чекор ја доживуваш автентичноста, те шармира внеговата историја и архитектура.

Главниот плоштад Ајунтамиенто е срцето на Валенсија и многу е живописно место, опкружен со градската куќа, внатре богато украсена и со музеј кој ја прикажува историјата на градот, потоа главната пошта, зграда од 1922 година со преубава стаклена купола.

Кралскиот плоштад еден од најпосетените плоштади и се наоѓа веднаш до катедралата, градена во различни стилови, во која се чуваат многу уметнички вредности, меѓу кои и Светиот грал, сад од кој пиел  Исус Христос последната вечер. Тука е и и кулата Мигуелита од каде има спектакуларен поглед на градот. За да се искачите потребно е да поминете 207 скали.

На плоштад кој се наоѓа до катедралата може да ја видите и базиликата посветена на Девицата Марија, барокна црква со убава внатрешност, каде се чува нејзината статута.

Околу е и фонтаната Турија која ја симболизира реката Турија, опкружена со скултури кои ги претставуваат седумте канали на реката.

Редона е плоштад со кружен облик, скриен во срцето на Стариот град. Тука имате можност да се запознаете со традиционалните продавници кои нудат керамика, текстил, да посетите сувенирници…. Во непосредна близина е најмалата куќа, со само 107 сантиметри ширина. … Ла Лоња де ла Седа е типичен пример на готичка архитектура од 15 век, заштитена од УНЕСКО, некогаш пазар за свила. Убава градба со раскошна декорација која остава без здив. Еден од најголемите и најстарите пазари во Европа е Меркадо централ, вистински рај за гурмани.

Модерниот дел на Валенсија е спектакуларниот комплекс Град на уметноста и науката, со футуристички изглед, и се простира на два километри и опфаќа неколку атракции кои воодушевуваат. Аквариумот е дом на 500 разновидни морски видови.  Посетителите можат да ги истражат морските системи, тропските мориња, со спектауларни тунели под водата кои пружаат вистинско уживање и задоволство. Хемисферикот е зграда во облик на око, со планетариум, кино, ласериум, мултимедијален простор за импресивни филмски проекции и астрономска едукација. … Интерактивниот музеј на науката “Принцот Филип” е со забавна и образовна содржина која ја презентира науката и технологијата, идеален за семејства со деца… Има и  градина со медитерански билки и модерни скулптури, вистинско место за прошетка и одмор…. Оперската куќа на кралицата Софија е импозантната зграда на операта која нуди богата програма на концерти, опери, балети и други уметнички настани. Агора е мултифункционален простор за разни настани, меѓу кои и изложби.

Посетете некои од плажите на Валенсија, оддалечени неколку километри од градот, искапете се во чистото и кристално море. Едноставно уживајте… Ама прошетајте и низ неколкуте убави паркови, меѓу кои најголемиот Турија, создаден врз коритото од некогашната река Турија. Одличен простор за возење велосипед, прошетка, одмор и релаксација.

Во ноќните часови посетете некој од убавите осветлени ресторани, вкусете традиционална храна и препуштете се на магичната атмосфера на Валенсија и фотографирајте за спомен.

Текст и фото: Каролина Мицевска

Loading