ПОГОЛЕМА СОВЕСНОТ КАЈ ГРАЃАНИТЕ

Пожари беснеат и во прилепско

На поголема совеснот и одговорно однесување, апелираат надлежните од локалната самоуправа и противпожарната единица откако деновиве од огнените јазици беа загрозени Марковите Кули и Манастирот „Св.Архангел Михаил”.  Пожарот што избувна во Дабничкиот завој над Прилеп беше изгаснат со натчовечките напори и професионалното дејствување на прилепските пожарникари. Помогнале и жителите од населбата Тризла. Со зголемувањето на дневните температури и појавата на ветерот, граѓаните да не палат сува трева и стрништа затоа што пожарите претставуваат закана на отворен простор и можат да ги загрозат населените места, објектите и манастарските храмови.

Опожарениот простор  кој континуирано е под надзор е околу 100 хектари со неквалитена ниска вегетација.

 – Пожарот во еден момент се протегаше од местото „Задград” кон Манастирот „Св. Архангел Михаил” каде што навремено беше спречен и не дојде до загрозување на Манастирскиот комплекс. Интервениравме со 15 пожарникари, се менувавме, а од месното население имаше 5-6 лица кои што во ноќните часови ни ги кажуваа локалните патчиња кои што беше тешко да се откријат оти пожарот навистина беше многу силен и проследен со чад – изјави Виктор Стојчески, зам. командир на ТППЕ Прилеп.

Гореше од Споменикот „Дабница”, рид „Зеленик”, па преку „Наковална” до месноста викана  „Задград” каде биле загрозени некои објекти, викендици, шупи, но пожарникарите не дозволиле пожарот да дојде до населбата „Тризла”.

Од општина Прилеп упатуваат апел до граѓаните, да се однесуваат совесно и да не ги палат тревите затоа што тоа претставува огромна опасност за целиот град.

– Во спротивно, МВР ќе биде приморано да преземе мерки и да ги санкционира таквите луѓе доколку бидат пронајдени – рече Христијан Тунески, портпарол на Локалната Самоуправа.

Во последниов месец во прилепско и долненско имало преку 100 поголеми пожари.

Loading