СТОЈАН 30 ГОДИНИ ЖИВЕЕ СО СИДА ВИРУСОТ

Првиот Македонец заразен од ХИВ кој ги изгуби жената и децата

Оние кои не го познаваат, мирно го одминуваат. Не го ни забележуваат, ситниот човек со брада,со црна коса кој во последно време се вртка во паркот во центарот. Најчесто седи на клупите кај споменикот Методија Шаторов Шарло. Или пак, стои до чистачите на чевли на плочникот. На случајните минувачи, можеби некогаш им го привлекува вниманието што многупати клупата му е трпезариска маса на која го “сервира” својот скромен оброк. Но, оние кои знаат кој е, се чудат и се прашуваат како е можно Стојан Конев (67) уште да е жив, а во 1993 година беше првиот жител на Македонија, инфициран со хив вирусот кој ги зарази двете деца и сопругата, а кои умреаа пред триесет години. Човекот уште е жив и во добра општа физичка состојба. Што се случува со Стојан?

Новинарската љубопитност нé натера да го бараме. Го најдовме на клупата, го начекавме на појадок. Сувиот, суров колбас едвај успеваше да го гризе со забите кои му се дотраени. Го познаваме и ние него, но очигледно и тој знаеше со кого има работа. Уште не успеавме да му се доближиме, не предупреди дека не сака да го снимаме. Се стрпивме, очекувајќи да заврши со јадењето. На клупата до него, црниот ранец со неколку работи внатре, а покрај клупата, чифт стари чевли. Се обидовме, со сите можни тактики, да ни одговори на прашањата како се чувствува, дали живее уште во зградата во Точила, или кој е неговиот сегашен дом, од каде успева да најде храна, му треба ли некаква помош од државата?! Оди ли на гробишта, на вечното почивалиште на неговата сопруга и двете деца? Одбиваше да одговори, се колебаше.

-Ако не ми е добро, нема да шетам, ќе бидам в кревет. Дваесет години никој ништо не ме прашал, ни како ми е, ни дали ми треба помош. Не сакам да пишувате за мене и одете си –  ни рече Стојан.

Почна да не разбркува, да се заканува со адвокати, додека со пријателот до него, неколку пати ги заменуваа јакните.

Заминавме со дилемата, дали можеби судбината сакала толку да си поигра со него, да ги изгуби најблиските, а тој со децении да живее после нив без да покажува знаци на болест. Или пак, Стојан и пркоси на медицина, ја демантира науката или едноставно, има ген за долг живот. Стигматизирана личност која живее на работ на заедницата без соодветен социјален третпан?!

Стојан Конев на 36 годишна возраст, во 1993 година, беше првиот заразен  од СИДА во Македонија. Хив вирусот беше потврден со тест. Проговори јавно за себе и неговото семејство. Како што тогаш пишуваа медиумите, едно интимно невнимание од порано во странство, го довело до опакиот вирус со кој ја заразил сопругата Трајанка (33) која починала во 1993 година, а децата во 1995 и 1996 година. Остана сам, со самоделска количка ги развозуваше децата до гробот на нивната мајка. Сам беше гробар на својот син Велјан (6), а по неколку месеци ја испрати засекогаш и ќерката Даниела (5). Откако ги загуби жената и двете деца, од 1996 година живееше изолиран од околината. Во станот на петтиот кат од една станбена зграда во Точила, го гореше мебелот  да се стоплат откако остана без работа иако беше хигиеничар во една јавна установа. Храната што ја наоѓаше оставана на гробовите, му беше единствената егзистенција. Жигосан од заедницата знаеше да искаже каење за тоа што му се случило, се прекоруваше и велеше дека животот му е казна, а не награда. Раскажуваше дека луѓето бегаат од него, со ливчиња комуницирале со него, дека имало само една продавница во градов каде пазарел, а ниту гробарите не сакале да ги допрат ковчежињата кои сам ги исковал за децата.

Конев, човекот кој повеќе од три децении е носител на вирусот кој предизвикува СИДА е тука, меѓу нас. Како се чувствува и дали има, или му треба социјален третман, не успеавме да дознаеме. Прима ли антивирусна терапија. Дали е уште напуштен и отфрлен од пријателите, соседите, од колегите, не сака да коментира. Како гледаат сега на него како носител на ХИВ- вирусот, дека е безопасен и дека сидата не се пренесува преку индиректен контакт. Може ли инфицираните да живеат нормално без да бидат обележани? Се чувствува ли дека му се нарушени човековите права?

Прилепчанецот Стојан Конев (67) стана парадигма на сидата од која најпогодени се хетеросексуалците и оние кои без заштита се впуштаат во сексуална авантура. Копнее ли за емпатијата, сочувството и сомилоста од своите прилепчани или малкуте пријатели околу него, се неговиот свет!?

Во некои интервјуа за одредени медиуми, Стојан изјавувал дека посетувал трибини, одел на медицински конференции, кампањи за лошата болест, молел за за помош и разбирање за инфицираните во Македонија кои се жигосани, додека секаде во светот доживуваат инклузија во општеството.

Loading