ПРИЛЕП Е ПОСИЛЕН ОД ЕСЕНОСКА

Ракомет

Машкиот ракометен суперлигаш Прилеп го одржа првиот собир годинава во салата на СОУ “Ристе Ристески – Ричко” со сите 17 ракометари. Ниеден нема заминато, на задоволство на Стручниот штаб, предводен од битолчанецот Божидар Мојсов. Во клубот се дојдени двајца, од кои првиот веќе пристапи – левиот бек Ангелче Органџиев (Тиквеш), додека вториот е на проба – средниот бек Ерик Андраде (Бразил). Покрај нив, можно е доведување уште тројца – десен бек, пивот и голман. На првиот тренинг се објави дека се закажани четири пријателски меча, во Македонија и во Србија, во пресрет на плеј-аутот и борбата за опстанок од 11 февруари.

– Во добра позиција сме, пренесовме два бода. Но плеј-аутот годинава е најтежок, отпаѓаат пет тима. Тоа е страшен стрес. Докрај ќе биде неизвесно – смета Божидар Мојсов.

Во плеј-аутот Прилеп за ривали ги има: Голден арт, Мултиесенс, Скопје, Аеродром (Скопје), Вардар (Неготино), Еурофарм Пелистер 2 (Битола) и Куманово.

Loading