СОБИР НА ПРИЛЕПСКИТЕ КАРАТЕ-ЛЕГЕНДИ

Преубаво беше во друштвото на легендарни прилепски каратисти. Повод -оформената Унија на карате-ветерани на Македонија на чело со Чедо Саздовски, носител на 8. дан (степен), со секции во Скопје и Штип, а третата е со најава наскоро во Прилеп. Потпретседателот Љубе Кафеџиоски, виш тренер за боречки спортови од ФФК во Скопје, носител на 6. дан, околу себе во Прилеп има повеќе генерации, почнувајќи од активните во седумдесеттите години на минатиот век.

– Со Енергоинвест 11 Октомври три години бевме во Првата југословенска лига Потоа успеси и со мојот клуб Сеикен. Освоивме екипно трето место во државната лига. Во Софија, Кире Спиркоски, втор на Европскиот куп. Таму изненадување -– трибина со офицери. Низ градот не не пуштаа слободно, туку само со придружба – издвои од спомените Кафеџиоски.

Каратето во Прилеп е издигнато меѓу водечките спортови, а неговите ѕвезди се рамни на ракометарите и фудбалерите. Нема човек кој не слушнал за Кире Дрцко, за кого има безброј анегдоти, па за Златко Ѕверо, Петар Чешело, Златко Пирганоски, Петар Камчески, па Круме Џемо претседателот на КФМ, кога е меѓународното признавање на федерацијата. Пеце Белистојаноски стана спортистот на Македонија за 1994, до неодамна претседател на федерацијата.

– Во почетоците веднаш не бевме прифатени за спортисти, во време кога беа маалски мангупи низ градот. Трениравме во месната заедница Корзо. Првиот тренер, Оливер  Џартов, ги добиваше знаењата од скопјани, од стручни брошури… Имавме кодекс. Каратето да го користиме само во самоодбрана оти следеше отстранување – си спомнува Славе Ѓорески, основач на клубот Ченто.

За Унијата претстои организација на Балкански куп за ветерани, во мај.

Доделени појаси

На средбата со повисок степен се стекнаа 13 ветерани. Славе Стојаноски и Ванеса Колашинац добија 1. дан, Розе Седлоска и Марија Матракоска се со 2. дан, Дончо Стојоски со 3. дан, Златко Пирганоски, Оливер Николоски, Зоран Цветкоски, Петар Камчески, Љупчо Трајкоски, Славе Ѓорески и Драгољуб Бузески со 4. дан. Носител на 5. дан е Кирил Иваноски – Дрцко.

Претходно Петар Чешелковски има добиено 6. дан.

Loading