ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ МАКЕОДНСКА РАПСОДИЈА 14

– И тоа е точно.

– Фирмата каде си вработен ти даде две недели одмор, оти во моментов немате многу работа, та наместо да те отпуштат, претпочитаа да отидеш на одмор.

– Навистина.

– Е па што тогаш, за каква грешка зборуваш Ангуше. Токму кај тебе сакав да дојдам.

– ОК е. А ти која си?

– Јас која сум?

Гостинката почна да се смее, покажувајќи ги своите бисерни заби.

– Во моментов не се сеќавам која сум, од каде сум, ниту како се викам.

– А, страдаш од амнезија – се насмевна Ангуш.

– Ти, Ангуше, страдаш во овој миг од некоја грешна мисла.

– Како на пример?

– На пример си се загледал во моиве нозе како досега да не си видел жена.

– Ти не си жена, чупо, туку си филмска ѕвезда. Кога веќе ме агресираш со обвинувања за грешни мисли, тогаш ќе ти кажам отворено какво љубопитство ми се плеткаше во главата…

– Знам и без да ми кажеш, Се прашуваше, гледајќи ми ги нозете каква е ситуацијата погоре. Погодив, зар не?

– Си го признавам злосторството – се насмеа Ангуш.

 “Чупата” стана, се приближи до него и низ широко оградената кошула од Ангуш се загледа во неговиот медалјон што му висеше на сребрено синџирче околу вратот. Го праша:

– Која е женава гравирана на медалјонов?

– Медалјонов ми е направен по порачка со точен опис на она што треба да претставува. “Женава”, како што велиш, е Еси, што ја прекрстиле на некои други јазици Изис или Изида – староегипетска универзална мајка – божица на луѓето. Таа ја има инспирирано биографијата што ни се раскажува за Света Дева Марија.

– Сакаш ли да кажеш дека Дева Марија, Исус Христос, никогаш не постоеле? Ти си неверник, безбожен атеист.

– Не, не сум. Верувам во една сила и интелигенција што се далеку над нас и што го водат светов. Најбитното во христијанизмот е потопот, Ноевиот кофчег, постанокот на светов,12 апостоли, крај на светот, и цела серија други нешта. Борбата меѓу доброто и злото, веќе се кажувани многу пред раѓањето на Дева Марија и на Исус. Раскажувани се во разни земји, кај разни народи, Асирци, Вавилонци, Персијци, Египтјани… Освен тоа, во биографијата од Исуса, има еден празен дел, едно бело петно од три години. Каде бил тој во текот на тие три години? Се мисли дека ги минал во една од таканаречените староегипетски школи на мистерии. После се вратил во Палестина и почнал да ја проповеда верата што денеска е наречена христијанизам.

– Интересни работи кажуваш. А машинава? Што пишуваш?

– Пишувањето ми е хоби. Така го минувам, да не речам, го губам слободното време.

– Добро правиш. Би рекла дека со ваква работа времето никогаш не е ззгубено. Мислата има сила да твори, да твори материјално, сакам да речам. Освен тоа, мислите дури и кога не се изречени, можеби одат во она што некои го нарекуваат колективна свест и колективна потсвест, во некаков интелектуален општочовечки океан и универзална меморија на човештвото. Ништо не се губи и ништо не се добива во вселената надвор од она што е сторено еднаш за секогаш.

– Кога те гледам и те слушам, чупо, би рекол дека си ти мој клон.

Девојката се искикоти како да ја скокотнал на осетливо место:

– Не би рекла дека сум клонирана од тебе, оти во таквиот случај меѓу другото сега ќе бев дете, оти ти не си стар човек. Замисли си да имаш љубовница твој клон. Тоа е оскрвнување на директна крвна врска, интимна врска и однос меѓу татко и ќерка!

– Не мислев на таков клон, туку на интелектуален план, бидејќи кога те чув што кажа пред малку, имав чувство дека ги слушам сопствените мисли.

(продолжува)

Loading