Пензионерот Славко Јанески од селото Ерековци
Секој човек си има своја животна приказна. Сите се различни, кој како ја доживува, како ја сфаќа и како му се посреќило во животниот век. Славко Јанески е еден од жителите на селото Ерековци, роден пред 65 години во селото Бонче. Повеќе од седум децени дом му е Ерековци, блиску, дваесетина километари од Прилеп. Распослано е во плодната пелагониска рамница Ерековци било прво, со многу жители од левата страна на на патот меѓу Прилеп и Битола. Сега таму е тој жител само со малкумина постари луѓе.
– Некои, како мене, сме сами како гламни загорени и недогорени. Младите одамна заминаа. Не го сакаат селскиот живот. А, зошто да го сакаат и да живеат и работат на село каде нема сега ниту училиште за децата, амбуланта, нема продавница и сé што има градот – вели Јанески.
Откака “заминала” бабата, а и тројцата синови и ќерката тој е витален но се “мачи” со животот.
– Се радувам оти сум “богат”, а за пари не се фалам. Имам осум внуци, и толку правнуци. Не се тука ама не се далеку. На синовите, како мајстор и домаќин, им направив три куќи, убави и големи во битолскоото село Долно Оризари. Ќерка ми е мажена во соседното село Тополчани. Останав сам да го чувам татковото огниште, сермијата во Ерековци. Не се жалам. Пукам од радост кога за сведен доаѓаат децата со внуците. Во целото село сум најбогатиот човек со луѓе. На софрата се збираме 30 души. Имам пари за живот, фала му на Бога – вели Јанески.
Тој е пензионер, ама не застанува со работа.
– Лани сам сработив и предадов нешто повеќе од 700 кила убав тутун. Зедов некоја пара. Им помагам на моите, иако сите заработуваат. Така останало отсекогаш, телињата да цицаат млеко од кравата. Не се жалам. Дал Господ разбрана челад, иако не е со мене. Се чувствувам здрав и работам. Се чувствувам осамен на годиниве, само со телевизорот навечер. Некогаш потпивнуваме со соседите по некое пиво – кажува како го врви денот стариот Јанески.
Тој и годинава работел тутун. Очекува да однеси кај откупувачите околу 350 кила. Се надева дека добро ќе го платат, оти малку е, ама е квалитетен.
– Не се плачам оти заработувам усте како мајстор, покрај пензијата. Ме викаат за поправки, за поситно, ѕидање, оџак, болме, малтарење, нешто да поправам, некоја ограда, да поплочам нешто во дворот… Паѓа по некој денар, покрај тутунот и пензијата – објаснува Јанески.
Кажува дека му е полесно. Купува нешто во соседното село Канатларци, од трите добро снабдени поголеми маркети. Таму има доста луѓе. Добри се сите, иако се етнички турско население. Живееме. Гоелемите семејства работат големи површини со тутун и бостан. Полето канатларско е тесно за нив. Доаѓаат во ерековскиот атар по земја за работа.
Работел мајсторилак во седум градежни фирми Техника во Скопје, во Трудбеник во Охрид, во Маврово, во Дризла од Вевчани, во Стрежево битолско… повеќе од 60 години. Каде сé не работел. Четири години бил во Германија како водач на бригада. Поднаучил нешто да шпреха германски.
– Се чувствувам добар, задоволен сум и не се жалам. Не велам дека пензијата ми е мала. Научен сум од мал да работам, оти без работа “нема папо”. Блажовен ми е животот. За Ссв. Јован Благослав, Денот на селото од каде сум роден, Бонче, “тркнав” со тракторот и се провеселив. Завртив и едно оро. Имаше доста народ -вели расположениот Славко кој на смеа вели дека тој е и имењак и презимењак со познатиот македонски писател Славко Јаневски, само што овдешниов е без “в” во презимето.