Даниел Мелвил – Македонска рапсодија
Кога се разбуди, Денко се облече и купи весник, па се врати дома. Во весникот имаше кус напис за човекот кој украл автомобил, полицијата го гонела, се удрил во еден ѕид и изгорел во пожарот на украдената кола. Фотографијата јасно го прикажуваше местото на кое стана несреќата, истото каде Денко ќе беше убиен при сударот со колата, ако не се најдеше да го спаси покојната му сестра Блага. Со весникот оставен отворен на масата, Денко долго медитираше вртејќи го замислено златниот клуч низ рацете. Која врата ли ја отвора овој клуч?, се праша во себе повеќе пати.
Големата љубов на Линда
Бев многу млад човек кога си отидов од Македонија и се населив во странство, на Запад. Поминаа десетици години, се пензионирав и, еден убав ден се вратив дефинитивно во родната земја. Се населив во градот од кој потекнува. Ми беше потребно подолго време да се навикнам пак на тукашниот начин на живеење, на храната и на ред други нешта. Родителскиот дом го најдов запустен, та викнав мајстори да го поправат. Инсталирав елементарен модерен конфор, се гледав со другарите од детството кои уште беа живи. Здравствено не бев многу добар, та се обидов да се подобрам во тој поглед со долго скитање по планините и по шумите, каде понекогаш спиев во вреќата за спиење што ја донесов со мене од странство. Со себе секогаш носев добра ловџиска пушка и мечешка муниција, што ги купив во една продавница за ловечки артикли. “Кој знае, – си велев, – по оние пустелии каде одам што можам да сретнам, мечка, дива свиња, опасни овчарски пси…” И, за чудо големо, здравјето ми се поправи. Стекнав добра физичка и психичка кондиција за моите години. Дури и многу помлади од мене ги “тепав” во искачувањето по угорниците, или во слегувањето. Купив мало шарпланинско куче, кое израсна покрај мене. Ми беше верен, неразделен пријател на секаде и во секое време. Го крстив Шарко и со него водев разговори по планините каде крстосувавме сами, надлетувани високо од царски орли. Шарпланинецот добро ме разбираше, ме слушаше, и знаев дека во случај на опасност ќе остане со мене ако треба и до смрт, бранејќи ме и бранејќи се себе си. Шарпланинците се кучиња од благородна раса, четириножни жители на Македонија уште од антиката.
Една убава августовска ноќ фосфоресто осветлена од речиси полната месечина, инстинктот што го стекнав преку моето другарување со Шарко ме разбуди. Ги извлеков надвор од вреќата за спиење рацете и се загледав во песот. Видно тој нешто осетил и непрекинато гледаше во еден правец. Го свртив и јас погледот во истата насока, но ништо не видов.
“Што има таму, Шарко?”, го прашав. Песот ме погледна и пак го втренчи погледот во првобитниот правец. Шарко беше дотолку поопасен, што не лаеше, та неговиот напад беше сосема ненадеен. Ретко понекогаш го издигнуваше својот бас, што мене ми беше пријатно да го слушам. “Штом осетил нешто, сигурно не е за ништо”, си реков, излегов од мојата вреќа за спиење, го фатив чифтето што секогаш ми беше полно и му реков на Шарко: “Ајде!”. Песот послушно тргна со мене. Зад една мала и ниска група карпи откривме, во нивната сенка, една женска силуета. За секој случај го фатив Шарко за широкиот кожен околувратник, на кој кога одевме низ град му приклучував синџир, за да не стани некоја беља, и и се обратив на силуетата со “вие”, како што ми стана навика во странство, иако во Македонија во времето кога емигрирав во странство, “вие” речиси никој никому не велеше:
– Што правите тука сама?
После повеќе секунди, млад женски глас ми одговори со акцент што ми се стори дека е англофонски:
– Еве, седам.
– Како така, “седите” веке ноќе во пуста планина. Дојдете со мене да се видиме кои сме и што сме!
Жената стана и дојде со мене, одејќи од спротивната страна на Шарко.
Го отворив сосема патентот од вреќата за спиење, ја раширив на тревата и ја поканив да седне спроти мене.
продолжува
Извадок од книгата Македонска рапсодија во издание на Зенит.
![]()

