ПЛОЧИТЕ ИМААТ ДУША

Пасијата на братучедите Мирослав и Борче Мавроски

Повеќе од 50, односно 40 години Мирослав и братучед му Борче Мавроски се “заразени” со грамофонските плочи. Паралелно и со страста за квалитетен ХајФај звук, произведен од високо рангирани фирми за да се доловат оригиналните тонови и музика од нивните колекции од винили и од ЦД ромови. Мирослав (64) и Борче (52) се аудиофили и дискофили со најмодерна аудио опрема и богати збирки на грамофонски плочи. Низ витрините дома кај Борче има над 5 000 плочи, а кај повозрасниот Мирослав околу 700, плус уште неколку илјади ЦД – ња. Интересно е што помладиот е “школа” на постариот, односно постариот му ја “ставил чивијата”. Мирослав признава дека ученикот го надминал учителот. Двајцата се носат со ниет да не ги продаваат раскошните збирки, во кои само една плоча има вредност од околу 2500 евра од првите едиции, а по неколку под оваа сума.

Мирослав не гледа дома некој да ја наследи неговата страст, макар што ќерка му слуша музика, ги знае сите групи, но, не е љубител, според неговите критериуми. Веќе се определил, кога не ќе може да слуша, да ја подари збирката на својот помлад пасиониран роднина. Аудио системите постепено ги сведува на минимум со продажба, оставајќи ги за себе најомиленитете марки и модели.

Борче има помлади наследници, па се надева дека ќе ги “контаминира” со аудио и дискофилството. Ако не, на шега вели дека не му е жал што ќе умре, туку жали што од кога ќе замине, сопругата ќе ги продаде плочите по цена по која што тој í ја кажувал дека ги купува.      

Аудиофилот Мирослав Мавроски првата плоча ја купил пред 51 година од книжарницата наспроти пазарот.

–  Ми купија грамофонче мало со радио, а плочи купував од 13-14 години. Немаше избор. Не знаевме многу. Така имам синглка од првите од поп групата Херманс Хермитс, башка од Битлси и Ролингстонси. После излегоа Слејд, Свит, Тирекс… В гиманзија ги “запознав” Лед Цепелин, Ди парпл, Џетро Тал, Доктор Хуг, Френк Запа, Јураја Хип… И во старата стоковна куќа имаше плочи. Потоа купив нишки радио ресивер, ХСР со звучници. Почнав да купувам плочи од посериозни групи Брд Контрол, Џеронимо, Емерсон, Лејк и Палмер од Солун. Плочи без саглам аудио опрема не вредат, особено грамофон. Почнав со поквалитетна. Од Белград за фунти купив Сансуи  засилувач, грамофон, дек и Акустик рисрџ звучници. Потоа го продадов тоа и купив Јамаха. Во војска читав огласи за аудио опрема. Србите беа 15 години пред нас во аудиоопрема. Кога се вратив дома, му побарав на татко ми опрема од 1600 марки.

Отидов во Белград и го купив Најм засилувачотот. До ден денеска имам сменето 30-40 чифта звучници и толку засилувачи и грамофони. Да кажеш некоја марка, не знам дека не сум ја имал. Сега имам Маранц, засилувач и ЦД плеер кој е високо квалитетен, оти го претвора звукот од дигитален во аналоген, односно како да слушаш плоча. Располагам и со засилувач со ламби, односно моно блокови кои се врв, оти даваат мек, свилен тон. Имам и Танбер магнетофон со ленти, потоа Штудер ревокс и Тик. Сега имам два грамофони кои се винтаж, Торенс и Микросеики и неколку глави (игли плус…) за разликување на нијанси на звукот – кажува Мирослав.

За колекцијата од плочи вели дека не е голема. Му тежи околу 700 плочи и многу цедиња. Обично слуша Скопје 2.

-Најубаво ми е кога слушам сам или двајца. Плочата има друго доживување. ЦД-то нема душа. Кога ќе чкртне плочата има своја убавина. Повеќе од 4-5 страни од неколку плочи немам ислушано. Треба 3-4 години да се ислушаат сите. Не купувам плочи, системите само ги менувам и сакам да останам на некој среден – вели Мирослав.

Колекцијата од 5 000 плочи на Борче е создавана четири децении. Од 13 години од џепарлакот го купил албумот “Мртва природа” од Рибља чорба.

– Ние, пасионираниве колекционери, ги бараме првите изданија одржани. Последниве 7-8 години винилите земаат замав и кај младите што многу ме радува. Во Прилеп има десетина љубители. Старите записи се феноменални, а новите изданија се и поскапи дури до 50 евра и повеќе. Го имам првото издание на Пинк Флојд, “Темната страна на месечината”, (Дарк сајд оф д мун). Вреди околу 2 500 евра. Имам околу педесетина ретки изданија, стари, кои ги купувам од Солун, како албумот од Боб Дилан од 1963 година.

Не продавам плочи, само купувам, или разменувам или подарувам. Од Дадо Топиќ го имам првиот албум трипати. Најмногу ги собирам од 1965 до 1980 година. Ме радува што се враќа винилот, а многу генерации се опакостени од турбо фолкот. Своевремено беше срамота да се слуша народна музика во Прилеп. Сум присуствувал на многу концерти, ги чувам и билетите. Ми нудеа многу пари за целата колекција на плочи, но ги одбив. Ќе ја чувам колекцијата додека сум жив. Илузорно е да се доживее записот на плочата со грамофон од 100 – 200 евра – вели Борче.

И неговиот животен простор е стеснет од десетиците засилувачи, па и со ламби. Дури и од најскапите кои вредат 6 000 евра, звучници кои се рачно изработени по нарачка во Германија и во Србија и за кои се чека на испорака до една година.

Сметаат дека винил базарите се убава работа, но жално е што не доаѓаат колекционери од Србија.

Loading