“Уметничкиот свет на Владимир Георгиевски – дел од ретроспектива” е изложбата се отвори во ликовниот салон од ЦК “Марко Цепенков”, на која се запознаваат со дел од творештвото на големиот македонски уметник. На отворањето присуствуваа сопругата и ќерката на уметникот и кураторот Јасминка Намичева.
Изложбата е дел од проектот “Музеумлинк” во соработка со Музејот на град Скопје.
Георгиевски (1942 – 2017), добитник на наградата за животно дело на МТФ “Војдан Чернодрински”. Еден е од најзначајните македонски уметници, кој зад себе остави уметничка скапоцена ризница. Во неговите дела, светка златна нишка што ги поврзува и води кон скриеното духовно благо закопано длабоко под површината на неговите слики.
Творечките занеси го водеа на долги и неизвесни патувања по пустите предели на стварноста низ долините каде што врие, се прелева и се пресоздава животот до највисоките врвови каде што воздухот е студен и проѕирен како кристал, а видикот широк и јасно може да се види светот… Неговото творештво е како животот. Буи, блика, расте и се разгранува во својот природен развиток, не водејќи грижа за правилата и ограничувањата што ги наметнува современото општество. Тој е сликар на современата стварност дури и кога е тешко препознатлива поради историската травестија.