И еве сега се враќа. Тој, Амон, син на Кхепрер, внук на Сотир, повнук на Џехути. Очите му ги гледаат веќе скалите без број од татковиот дом. Набиената земја од црвените патеки по неговите градини. Гранките од благородните дрвја превиткани од тежината на плодовите. Неговите носници ја дофаќаат миризбата од влажен малтер од древните подземни лавиринти и од свежината на вечерите, после краткотрајните поројни дождови испреплетени со гигантски искри и со татнежот од исполинските барабани на небесата. Ги осетува како пресен облог кладени врз себе сенчестите планини и долини од душата на Убавденка, одразена во нејзиниот поглед. Солзата за добредојде од мајка, и меланхоличната насмевка од татко. Ја слуша колосалната песна на планините вода од кеметските океани, и моќното удирање на денското срце од татковинските градови. Шумови што треба да се знае да се слушнат во тишините на Кеми. Се враќа… Се враќа побогат отколку кога тргна. На дланките од рацете носи роса од далечни универзуми, што се најдуваат надвор од овој, ама овој космос е сепак нивни составен дел. Неговите пазуви се импрегнирани со необични миризби од непознати светови. Ѓоновите од неговите сандалки носат прашина од бескрајни патишта. Но над сето тоа Амон, син на Кхепрер, внук на Сотир, повнук на Џехути, носи една поема. Поема како летнување јато врапчиња. Како облак од распискани галеби. Како царскиот орел што се норнува во азурот од небото. Како дождот што барабани ноќе по ламарините од заспан град. Како пожарот што го шири својот громовит глас. Поема што дува како тајфун и која пее како кристален поток. Порака исткаена од рубини, од смарагди, од топази, од аметисти, од небесно синило, од црна земја. Тоа е… тоа е една вселенска поема.
Амон, син на Кхепрер, ја наведнува главата како цвет од трн откорнат среде пустина, што препуштен на ветерот си бара дом. Престанува со своето одење-идење во внатрешноста од “МА”, оти одеднаш сфати дека поемата што ја донесол со себе како најскап накит меѓу накитите не може да биде речена, ниту пеена. Тукушто созна дека нема збор за да се каже неискажливото, дека нема мелодија за да се чуе слушливо некантабилното. Одсега натаму знае дека неговата поема не е можно целосно да се сподели ниту да се открие, барем не во оваа димензија на постоење. Таа е песна што секој треба самиот да ја најде, и да ја развибрира во себе.
Макробите
Професорот зборуваше:
– Овие макроби што ги открив не треба да бидат мешани со микробите. Последниве се едноклеточни микроорганизми. За разлика од нив, макробите се составени од многу голем број клетки. Всушност одамна ни е познато постоењето на макробите во нашиот организам, за кои сметавме дека се дел од него, ама не знаевме точно која е нивната функција. Навистина мојата заслуга е доста скромна: открив, прво и прво, дека тие многуклеточни организми всушност се надворешни фактори кои живеат во нашиот организам. Второ и второ, дека после еден период што варира од неколку дена до еден месец, се случува спомнатите микроби да почнат да произведуваат токсини што предизвикуваат кај понеотпорните меѓу нас состојби на измореност, болести понекогаш тешки…
Се слушна еден глас:
– Мислев дека тие… тие организми што вие ги викате макроби, фактички се полезни за нашето тело… Извинете ме, професоре, не сум специјалист по таа материја, ама… ама…
– Ама имате право, – надоврза професорот. – Општо земено животот на макробите е многу кус: тоталниот циклус на нивното формирање и размножување опфаќа неколку саати. Во времетраењето на нивното постоење можат да се покажат безопасни па дури и корисни за нашето здравје, оти се дел од фауната и флората на нашиот организам. Но можат и да станат многу отровни со створување различни опасни супстанции, што ни беше непознато до скорешните откривања кои ги направивме мојата екипа и јас, откривања што станаа можни благодарејќи на доточнувањето на нови начини за истражување во дадено место во организмот…
Продолжува
Извадок од книгата Македонска рапсодија во издание на Зенит.
![]()

