Вечерва од 19.30 ч. во Ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков” ќе биде отворена изложбата “Метаморфози на просторноста” од уметникот Јован Наумоски.
-Меѓу најмалите честички на нашето битие, меѓу нашето тело и нашата животна средина, меѓу нас и сите луѓе со кои сме во контакт, меѓу просторот постои врска, конекција толку суштествена и длабока така што повеќе не е јасно разграничувањето меѓу крајот на едно нешто и почетокот на друго. Дали просторот има граница? Дали просторот каде е сместена вселената е ограничен негде длабоко на работ на вселената или пак е бесконечен? Како го замислуваме “безпросторот”, односно немањето простор? Дали има паралелен простор со овај нашиот?… Овој феномен на спротиставеност на времето и на просторот не го укинува нивното единство, ниту ги поништува нивните аналогии. Времето како мерило за движењето и за промените не е само мерило на растење и на живот, туку и мерило на распаѓање и на пропаѓање. А просторот како сцена на движењата и на промените не е само област на гнилежност. Времето, како мерило на животот, на човекот му дава релативна слобода внатре во просторот. Кога слободата го завршува своето време, се завршува и слободата и животот внатре во просторот. И неможно е да постои било каква форма на слобода или на надеж, без перспективата на времето – вели авторот Наумоски, потенцирајќи дека просторот е само димензија во која што човекот се движи, работи…
Наумоски е дипломец од ФЛУ. Магистрирал во 2012 година. Потоа на постдипломски студии на ЕСРА каде магистрирал. Член е на ДЛУМ. Дејствува во повеќе полиња на уметноста како сликарство, склуптура, фотографија, драмска и тв режија, подготовка на сценографија. Имал повеќе самостојни и групни изложби.
![]()

