Маја Танева вторпат се претставува со изложбата “Вилина во простор” во ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков”. Викторија Димеска, историчар на уметноста, посочи дека скулпторски раскажува слободна лирична нарација со дијагонално извиени и динамични асоцијативни апстракции.
– Впечатливиот треперлив контраст во текстурата на формата е постигнат со таинствен ткаеж на јажињата внимателно создадени во преплети со различна густина. Мрежестите асоцијативни облици излегуваат надвор од рамките на дрвените рабови на ѕидните инсталации и формираат илузија на динамичност. Апстрахираните облици асоцираат на вилински претстави кои доминираат во наративот на преплетените интервенции. Заробени во магична мигновеност, загадочните растреперени вилински структури егзистираат во имагинарен артифициелен свет пленејќи со својата лиричност, чудесност и моќност – рече Димеска.
Танева е линеарен уметник, скулптор, создава инсталации и слики. Скулптурите и инсталациите ги создава со индустриски челични жици.
Изложба со 30 избрани уметничките фотографии “Прочка 2023” е поставена во Ликовниот салон од ЦК “Марко Цепенков”.
– Граѓаните ја изразија креативноста и уметничка визија за карневалот – велат од општина Прилеп.
Уметникот Емил Солески утревечер во споменикот Македониум во Крушево ќе го претстави мултимедијалниот проект “КЕРАМИКУМ ВО МЕРМЕР”. Фокусот е куќата, желбеник, како трансцедентен објект на субјективното доживување.
-Желбениците се создавани кога почнав да фантазирам за едно време, а можеби и невреме, можеби, велам оти е изгубена од хоризонтот, но никако изгубена од видокругот на археолозите. Керамикум…Неолит…Младо камено време, време на куќата како место во кое се концентрира и генерира нуклеусот на едно семејство и претставува центар во кој се дефинираат бројни вредности, тенденции и принципи – вели Солески.
![]()

