СОРАБОТКА НА ФЕСТИВАЛИТЕ

Завршува МТФ Војдан Чернодрински

Со доделување  на наградите и со изведбата на претставата “Последниот балкански вампир” на Српското народно позориште од Нови Сад, вечерва завршува 57. издание на МТФ “Војдан Чернодрински: кое годинава беше под мотото “Враќање дома”. Се прикажаа 10 претстави во официјалната конкуренција и пет во независната продукција. На повеќе места низ градот имаше скомрахи и се прикажуваа претстави.

Имаше промоции на книги и разговори на тркалезна маса на тема “Македонскиот театар низ визурата на меѓународната јавност”. Еминентни театарски работници искажаа оценка за тоа што му е потребно на македонскиот театар и на фестивалот.

Уметничкиот директор Ана Стојаноска е подготвена да разговара на пошироки теми, особено каков е македонскиот театар во очите на публиката.

Поставувањето претстави од македонски автори и со македонски режисери во регионот е чекор напред во универзалноста на естетиката на уметноста.

– Македонија сака да го развива театарскиот систем и уметноста што претставува жив дел од современата култура. Тоа е за почит – смета Јанко Љумовиќ, професор на ФДУ во Цетиње, Црна Гора

За Мирослав Радољиќ, директор на Стерииното позорје, македонскиот театар е на добар пат не само да го сочува оној ореол од порано како еден од значајните театри на бившите Ју-простори, туку и да го подобри во многу сегменти.

Милош Латиновиќ, директорот на Битеф, смета дека е добра соработката за презентација на македонската уметност во Европа и дека македонската продукција има потенцијал.

Монографијата “Чашуле: Приказнувачот” на театрологот Ана Стојаноска беше промовирана во програмата “Автор во фокусот”.

– Книгава е димензионирана да биде и лична, и научна, и непосредна, и објективна, и театролошка, но и своја каква што треба да е книга за Коле Чашуле, на стогодишнината од неговото раѓање. Коле Чашуле, е мојот втор татко. Ме научи како да пишувам, како да се однесувам во светот на театарот и книжевноста, во животот, воопшто. Книга што на едно место може да го прикаже моето формирање како автор и како писател, и како театролог, и книга што на едно место  го толкува, го интерпретира или само ќе одгатнува мал дел од творештвото на Чашуле – пишува Стојаноска во воведот.

За Чашуле зборуваше професорката Јелена Лужина.

Loading