ИГРИ ВО ПЕСОК

Работејќи како воспитувач во детска градинка, се трудам и настојувам воспитно-образовните активности што повеќе да ги реализирам преку игра. Практиката покажува дека кога децата играат на отворено и кога им нудиме да одбираат што сакаат да играат тие одбираат да играат со песок со најголемо задоволство.

В парк или на плажа, во дворот или на тераса, пожелно да се охрабри го вашето дете да игра со песок. Потребно е само песок, неколку пластични чаши или пластични калапи и алатки. Играта може да почне!

Зошто е толку важно играњето со песок?

Затоа што го стимулира физичкиот развој. Префрлањето на ситните зрна песок (од дланка во дланка) влијае на развојот на фината моторика. Носењето песок во кофиче, префрлањето на “товарот” од една кофичка во друга го подобрува развојот на грубата моторика.

Затоа што се стимулира развојот на социјалните вештини. Играјќи со песок, децата учат да ги делат играчките, да се договараат и да ја поттикнуваат фантазијата меѓусебно. Играта во песок децата не ја чуствуваат како физичка активност која треба да ја реализираат,туку како забава. Децата комуницираат, а тоа значи поттикнување и развој на говорот.

Затоа што позитивно влијае на когнитивниот развој. Многу деца не сакаат да земат молив во рака, да пишуваат и да цртаат на хартија. Пишувањето во песок е сосема друга приказна. Пишувањето се доживува како игра.

Затоа што јакне имунитетот. Многу добро се сеќавам на периодот кога моето дете беше мало. Во дворот имавме песочник кој беше омилено место за игра за него и за другарчињата. Едно девојче, секогаш доаѓаше со мајка í само да ја набљудува играта, бидејќи мајка í не и дозволуваше да се валка. Нејзините чисти рачиња и чиста облека многу не помогнаа да биди поотпорна на болести од другите деца. Научниците тврдат дека децата кои почесто играат надвор, на трева или во песок се поотпорни и поздрави од оние кои растат дома во контролирана и чиста средина. Малку нечистотија го прави детето поотпорно на болести. Играњето во песок е одлична можност за играње надвор, подалеку од телевизорот, компјутерот или телефонот. Патиките ќе се исчистат, ноктињата ќе се измијаат, а нејзиното “величество”, песокта ќе ги чека “умните” глави и наредниот ден.

Со надеж и желба дека летото што побргу ќе пристигне, топло препорачувам родителите да ги остават децата да се “валкаат” со песокта и водата. Ќе бидат посреќни, поисполнети и позадоволни.

Воспитувач во ЈОУДГ „Наша иднина“ Светлана Биноска

Loading