СОЛИДАРНОСТ СО КОМУНАЛЦИТЕ – СОВЕСНОСТ, СВЕСНОСТ И ОДГОВОРНОСТ ЗА ПОЧИСТ ГРАД

Рубин Абрашоски, директор на ЈКП Комуналец

Кучињата скитници се секојдневна слика?

Екипите во 2021 г. заловија 90 кучиња скитници, лани 110, а од јануари до крајот на март – 30 кучиња кои се третирани. Тимот работи една смена. По потреба излегуваат на терен. Ги губиме судските процеси за каснувања од кучиња, иако се со обетка, обележани. Солидарно со општината ги плаќаме трошоците. Новото транспортно возило ќе го добиеме скоро и со воздушната пушка со муниција за успивање, која доцни заради тендерската постапка, ќе се овозможи посовремено заловување наместо со јамка. На располагање е  прифатилиштето за кучиња. Се придржуваме на популарната мерка “фати, залови, стерилизирај и третирај, врати на местото на ловење”. Бараме од љубителите на животните поодговорно однесување, а не да ги пуштаат милениците на улиците.

Постојано чистите диви депонии кои пак се создаваат?

Граѓаните да ги користат услугите на Комуналец за изнајмување на контејнер или трактор за одлагање на градежен шут. Секој четврток кревамее кабаст отпад без надомест. Бесплатно е и депонирањето на градежниот шут на депонијата. Секој треба да делува во својот домен да нема депонии.

Уредување на јавните прометни површини?

Работиме по оперативен план. Активностите ги извршуваме под ведро небо и зависат од временските услови. Се обидуваме да искосиме навремено. Ги кроевме дрворедите, тревата ја искосивме, за празникот ги исчистивме гробиштата.

Лидери сте во држава за селектирање на отпадот. Ќе има регионални депонии?

Најверојатно седиштето ќе биде во Новаци. Секоја општина треба повеќе да селектира, за помалку да плаќа за транспортирање до депонијата на помалку отпад. Ќе се формира јавно претпријатие на државно ниво. Ќе треба да биде готова до 2025 година. Планирано е депонијата Алинци да биде претоварна станица. Ќе се преработува сиот смет. Само она што не може да се користи ќе се праќа таму. Фабриката за секундарна селекција сакаме да ја стартуваме под минимални услови. Најпрво треба да се доведе електрична енергија.

Проблемот со метларките до каде е?

Проблемот стои. Во извршна постапка метларките ги купи продавачот за 10 илјади евра. Се надеваме дека надлежните институции ќе постапат по нашата пријава и според законите и поднесената документација.

Според оперативните планови ќе има ли нови паркови?

Во соработка со локалната самоуправа ќе подигнеме и маалски паркови каде што нема и каде дозволуваат сопственичките услови.

Колкав е бројот на вработените?

 Фирмата ја затекнав со 423 вработени во ноември 2021 година. Сега се 372, од кои околу 70 се преку агенција за времени вработувања со сите придонеси, а немаме со договор на дело. Структурата на вработените е теренска, косачи, метачи, подигачи на смет итн. Лани немавме план за вработување, заради пропуст на претходното раководство. Со новиот план за 2023 година, се надеваме дека оние лица кои десетина години работат, ќе добијат решение на неопределно време. Недостасуваат работници.

Капелата на Старите градски гробишта е готова?

Здружението на граѓани ја даде на трајно користење. Имаат обврска да ја доопремат внатрешно. Сите обврски и вработените ќе паднат на Комуналец.

Ивона Кузмановиќ, советник во Советот на Општината од СДСМ

Кучиња скитници го „искасаа” буџетот

– Градоначалникот Борче Јовчески и директорот на Комуналец, и после неколку мои прашања и опомени за решавање на проблемот со уличните кучиња, со кој секојдневно се соочуваат нашите сограѓани, не преземаат апсолутно ништо! Со запоставувањето на грижата за бездомните кучиња ја загрозуваат безбедноста на граѓаните – напиша Ивона Кузмановиќ, советник од СДСМ и објави фотографија на ФБ.

Според неа, потребно е суштинско и темелно решавање на проблемот веднаш. Проблемот се актуелизира постојано и од советничката говорница.

– 102 настани ,,Каснато лице од куче”, на територија на Прилеп. Комуналец во целост ја има запоставено грижата за кучињата, скитници, со што Општина Прилеп е доведена да плаќа големи суми од буџетот за напад од кучиња од тужби на граѓаните – вели Кузмановиќ.

Неофицијално, отштетата кое ја добива лице каснато од куче скитник изнесува од 500 до 1500 евра.

Loading