ПРОЕКТИ ЗА ИДНИНАТА И СОВРЕМЕНО ВОДОСНАБДУВАЊЕ

Игор Гулабоски, директор на ЈП “Водовод и канализација”

За година ипол менаџерскиот тим кој го предводите изготви многу проекти за подобрување на водоснабдувањето и реконструкција на мрежите?

Во изминативе 18 месеци иако соочени со економската криза фокусот го ставивме на изработка на проектна документација со која би добиле стабилни и самоодржливи проекти.

Најпрвин би го спомнал проектот што го изработивме минатата година за изградба на таложник на пречистителната станица за отпадни води (ПСОВ) и решение за градба. Со моето доаѓање како директор на ова ЈКП ставив фокус на неколку работи кои предизвикуваа големи проблеми, а најголем беше оштетувањето на пумпите на пречистителната станица. Аплициран е и одобрен од Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа со вредност од 8,2 милиони денари.

Исто така, за во ПСОВ спремен е проект за поставување на фотонапонска електроцентрала со моќност од 549 кЊп на покривната површина на објектите на ПСОВ. За овај проект планирани  се средства од страна на ЕБРД. Со овој проект би се задоволила потрошувачката на ел. енергија на ПСОВ за 50 % заедно со произвотството на ел. енергија преку когенараторот кој го ставивме во функција во август 2022 г.

За 2024 година се стремиме да направиме и проект  за фотонапонска електроцентрала со моќност од 1000 кЊп  на земјената површина на ПСОВ со цел да се доближиме до 80 % од потрошувачката. Тоа значи, осовременување, непречено функционирање, како и намалување на трошоците за работа.

Изработката на проектите е невидлива за граѓаните, потребни се урбанистички и основни проекти, одобренија пред да започне реализацијата?

Направивме надополнување на потребната документација и добивме одоберение за проектот за реконструкција на цевоводот од Лековски извори кој е еден од најстарите цевоводи изграден во 1947 г. Се очекува да се зголеми дотокот на питка вода за  10 – 20 л/сек.

Друг проект е донација за замена на водомерите со далечинско управување и опрема за отчитување и набавка на веб базиран софтвер со можност за враќање на состојбата директно на терен. За 10 илјади водомери, 100 – 200 водомери од голем тип, 2100 вентили за правни лица со далечинско управување со автоматско затворање. Целиот проект е во вредност од 4,5 милиони евра во фази и во првата фаза очекуваме 70 илјади евра.

Аплициравме со проект до јапонската амбасада за транспортно возило (камион) и возило со надградба со вакум пумпа, во вредност од 80 илјади евра. Ќе се освремени возниот парк, кој во 2022 г. не е обновен паради економската криза.

Што со населените места?

Се подготвува проект за водоснабдување на селото Лениште, за манастирот, викендиците и деловните објекти. Изворите ќе се каптираат ќе се пушти нов цевовод со мрежа за манастирот. Урбанистичкиот проект е одобрен. Вредноста е 1,2 милиони евра и ќе аплицираме преку програмите од министерствата. Аплициравме и на два повици во Министерството за животна средина за санација на бетонски атмосферски канал на ул. “Александар Македонски” до градската река дог 110 метри со широчина Ф 800.

Со единствениот проект кој веќе беше готов од претходниот тим, аплициравме за реконструкција на водоводот на ул. “Кузман Јосифоски Питу” (од крстосницата со булеварот до крстосницата со ул. Ленин) за 7 милиони денари.

Со квалитетни анализи одите чекор по чекор?

Во 2024 г. планираме изработка на проекти за водоснабдување на индустриските објекти пред селото Селце, водоводна и канализациона мрежа во населбата Сточен Пазар и реконстукција на цевковод од собирната комора до градот долг 5 км.

Проектите кои ги изработивме лани не се сработени ниту последните 10 години. Сите постапки се со цел осовременување и ефикасно функционирање во интерес на граѓаните и нивните потреби за водоснабдување во иднина.

ЗАГУБАТА Е ОЧЕКУВАНА – СЕ РАБОТЕШЕ ДОМАЌИНСКИ

Опозицијата излезе со обвинувања за финансиското работење и загуба од 8 милиони денари?

Ситуацијата во која е доведено ЈКП е поради енормно зголемените цени за електрична енергија, со исплаќањето на бенефициран стаж кој години наназад не бил исплаќан, со пакачувањето на минималната плата, со плаќањето на стари долгови кон МЖСПП.

ЈКП Водовод и канализација со 80 илјади жители е во загуба 8 милиони денари. Но, има јавни претпријатија со помалку жители, но со поголеми загуби. Менаџирањето беше домаќински. Во 2021 година, во ноември и декември, имаме висока цена на електричната енергија. Разликата од 23 милиони денари, доколку се “пребие” со 8 милиони денари загуба, ЈКП практично ќе нема загуба. Тие 15 милиони денари ќе ги реинвестиравме во реконструкција на водоводни мрежа.

НЕИЗВЕСНО СУБВЕНЦИОНИРАЊЕТО

До 30 април истекува субвенционирањето за електричната енергија од Владата?

Уште е неизвесно и не е одговорено на барањето од пред еден месец на Здружението на јавни претпријатија АДКОМ за продолжување на поддршката на јавните установи и институции. Овие цени важат до крајот на април 2023. После тоа никој не може да предвиди како ќе биде цената на електричната енергија. Доколку не продолжи субвенционирањето, сите ЈКП ќе бидат во криза, бидејќи и со субвенционирањето цените се високи и не според планираните во тарифите од РКЕ. Плус ова субвенционирање беше задоцнето. Сите ЈКП направија енормни долгови, осносно големите сметки за електрична енергија.

Во тек е изработка на нов бизнис план за третиот регулиран период за издавње на тарифи за услугите за водоснабдување од РКЕ. Податок за новите тарифи од РКЕ се очекува кон крајот на август 2023 год.

Loading