НИЕ СМЕ ТРАГИЧНА НАЦИЈА

“Кој не помина, тој нé уапа, а малу ли орди минаа овде”.Ова го рече нашиот Григор Прличев за неговата и наша Македонија. Гане Тодоровски во својот “Македонски монолог” вели: “Толку стравувам, некоја јанза ме јаде да не би одново да те разделеме Македонијо”. “Премногу ни е убаво името, ќе се обидат да ни го земат”. Така велеше Блаже Конески. Ирскиот револуционер Роџер Кејсмент пред неговото бесење изјави: “Познавам две трагични истории во светот, таа на Ирска и таа на Македонија”. Методија Андонов Ченто за неговото судење рече: “Никогаш не можев да помислам дека Македонци ќе ми судат за мојата борба за Македонија”. Кочо Рацин – “За туѓи бели дворови, копај си црни гробови”. И го потоморија. Не слушал, го преиначија дека бил глув. Се чуди неговиот брат. На споменицата за паднат борец на мојот татко, издадена лично од Ј.Б. Тито пишува: “ Го даде својот живот во борбата против фашистичкиот окупатор и неговите домашни слуги”. Да, и неговите домашни слуги. Дури се погрижија за промена и на архивите како нив им годеше.

Темелите на нашиот идентитет се во  Античката Македонија. Ако ова го знаеше Киро Глигоров немаше да им го подари на Грците нашето знаме – шеснаесет зрачното сонце кое Филип и Александар Македонски го носеа во борбите со Елада (Грција).

700 години под Пакта Романа, 500 години под Турција, фашистичка окупација, војни, жртви, реки на крв, сираци, ликвидации, предавства, кодошења… Мегали идеата на Грција, Сан-Стефанскиот сон на Бугарија, Призренската лига на Албанија чекаа за создавање на големи држави. Сé на штета на Македонија и Македонците. Тешко им одеше додека не се појави домашниот, нивни измеќар Заев им потпиша сé. Тоа не е храброст, тоа е непромисленост. Државите создаваат вештачки истории, а ние ја раздаваме својата. Датумите на потпишувањето на овие договори треба да бидат прогласени за почеток на холокаустот врз Македонците. Колку и да ја сакаме ЕУ, не можеме повеќе од нашата Македонија. Нашите измеќари внесувањето на Бугарите во уставот го релативизираат како безболна обврска. За нив, нулирањето на македонизмот и изопачувањето на вистината е обичен пазар. Македонскиот јазик не е внесен во преговарачката рамка при приемот на Македонија во ЕУ, затоа што таму некој барал да има двојазичност. Што да очекуваме од историската комисија платена со големи пари? А Денко Малевски вели дека Античка Македонија била дел од грчкиот свет.

Државата не е играчка, не е за несериозни и неодговорни луѓе. Тие не играат со топка по кабинетите, тие играат и го дриблаат македонскиот народ. Проевропска малограѓанштина, формирале проевропски фронт. Да, за фронт ги бидува. Знаат ли тие што е реципроцитет во политиката. Не можете да барате нешто од друга земја, на која не можете реципрочно да одговорите. Наш недостаток е тоа што не ги гледаме нашите интереси.

ПРИМ.  ДР.  БЛАГОЈА ВАСИЛ ДАМЕСКИ

Loading