НАЈДОБРО, НЕ – НАЈ ДОБРО

Одложен бил извесен музички фестивал поради немање средства. Големи поплаки. Министерството за култура неправилно ги распоредувало средствата. Затоа, повеќе манифестации иако добиле извесни средства, се откажани во знак на протест. Така бил одложен и фестивалот што гос поменавме во почетокот. На една наша ТВ го слушаме директорот на фестивалот Оливер Белопета. Сме слушале и порано па еве и сега слушаме дека водителот на таа емисија како погрешно го изговара презимето – БЕЛОПЕТА. Тој го изговара како да се работи за два збора – Бело Пета. Таквиот впечаток се добива поради погрешниот акцент. Презимето си е Белопета. Акцентот треба да биде на самогласката “о”. Третиот слог одназад. Такво е правилото во македонскиот јазик. Сите тие новинари (обично скопјани) акцентот го ставаат на вториот слог одназад и се добива Бело Пета. Не знаеме како им е напишано тоа, дали како еден збор или како два. Како и да е, вака како што го слушаме, е погрешно. Тие новинари, или повеќето од нив, така ги изговараат и презимињата Локвенец, Дупјачанец, со акцент на вториот слого дназад. Зошто?

Една слична грешка и мошне голема се прави кога е во прашање префиксот “нај”. Сите го изговараат како два збора – најдобриот, најубавиот, најуспешниот, најголемиот и така до бескрај. Голема грешка. Овде станува збор за суперлативната форма на придавката. Да ја земеме на пример придавката  “успешен”. Тоа е позитивот. Компаративната форма ќе биде – поуспешен, а суперлативот е најуспешен. Формата НАЈУСПЕШЕН е еден збор и треба така да се изговара. Но, ние редовно слушаме – НАЈ УСПЕШЕН, како да се тоа два збора. Слична е ситуацијата и со компаративната форма. Често слушаме, наместо поуспешен како еден збор, а се изговара ПО УСПЕШЕН, како да се два збора.

Ваквите грешки, ваквите недоследности се повеќе од редовни. Ги слушаме од најголемиот број говорители. Најчудно и најзагрижувачко е тоа што редовно ги слушаме од новинарите. Луѓето, обичните луѓе, го слушаат тоа и го прифаќаат. Неверојатно. Па ваквите граматички правила се учат во основните училишта. Тоа се толку едноставни работи, а, еве, од извесен спортски коментатор слушаме коментар за два фудбалски клуба. Загубил едниот со голема разлика. Слушаме од коментаторот – “Се разбира, секогаш победува поподготвениот”. Ете и таа придавка “поподготвен” е еден збор. Коментаторот мисли дека се два – “по подготвен”. Од неговата артикулација јасно слушаме дека ги изговара како два збора. Сме сретнале, сме прочитале уште поапсурдна грешка. Сме сретнале да пишува – “крај брежје”, наместо “крајбрежје”, сме виделе наместо “претсобје” да бидена пишано – “пред собје”.

Слушавме на повеќе ТВ нешто за проблемите во нашиот јазик. Ќе требало во сите институции да има вработено лектори. Точно е тоа. Тоа е повеќе од потребно. Треба да има лектори. Не треба да се дозволуваат разно – разни јазични бесмислици. Но, најголемата трагедија е во тоа што грешкиве што ги бележиме се среќаваат од институции каде што постојат лектори. Нив ги има (мора да ги има) во телевизиите. А таму врие од грешки. Се сомневаме дека баш во сите институции ќе се вработат лектори. Но, ако се има предвид дека грешките ги има толку многу, насекаде околу нас, во напишаните фирми, натписи, документи, соопштенија…, дури и да се вработат лектори, тешко дека ќе се регулира сево ова со тоталната негрижа за нашиот, МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК.

Па, нели тој е нашата татковина!

Loading