ЛОКАЛНА ОБВРЗНИЦА ОД ПЕТ МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ИНФРАСТРУКТУРНИ ЗАФАТИ?         

Локалните власти подготвуваат законски терен за задолжување со 5 милиони евра преку издавање на општински обврзници. На јавна расправа, градските власти понудија четири капитални проекти, три од инфраструктурата и еден за производство на електрична енергија преку обновливи извори, со поставување на фотоволтаици на училиштата.

Бранко Нешкоски, раководител на секторот за урбанизам, вели дека урбанистичките проекти се за развој на градот, а за производството на електрична енергија налагаат светските економски текови.

-Четирите проекти се капитални, кружен тек на мостот Табана, инфраструктура на улицата “Победа” кај Типската населба, инфраструктурно уредување на влезот Прилеп – Македонски Брод и поставување на фотоволтаични панели на сите основни и средни училишта. Граѓаните добиваат подобра инфраструктурна комуникација. Со фотоволтаичните панели се користат обновливите извории и се обезбедува електрична енергија – велиНешкоски.

Според Драги Ѕвездакоски, раководител на одделението за финансии, првичните пресметки покажуваат дека Прилеп има капацитет да отплаќа и рати на каматата и да го плати главниотдолг по 7 години. Годишната рата е од 240 000 евра на каматата и на крајот, по седум години е отплатата на главниотдолг од 5 милиони евра. Ѕвездакоски уверува дека Министерството за финансии ќе даде зелено светло во вториот обид за задолжување преку општински обврзници.

-Прилеп е една од петте најголеми општини во земјава. Има капацитет да ја отплати обврзницата. Пред советот да донесе одлука за задолжување, се одржува јавна расправа, на која сите физички и правни лица даваат мислење за предлог проектите кои ќе се финансираат од обврзницата. Мислиме дека Министерството за финансии нема да направи проблем, оти задолжувањето е во рамките на можностите на буџетот. Според Законот за финансирање на локалната самоуправа, Прилеп може да се задолжи во висина на остварените тековно-оперативни приходи на основниот буџет од претходната година. Лани беа остварени 366 милиони денари. Тоа е оној горен лимит со кој општината може да се задолжи од 6 милиони евра. Не бараме 6, туку 5 милиони евра. Финансирањето преку обврзници во наредните години ќе го релаксира инвестирањето во други капитални проекти – вели Ѕвездакоски.

За градоначалникот Борче Јовчески неопходно е задолжувањето.

-Според извештајот на УНДП, Прилеп е една од 10-те најуспешни општини која правилно финансиски ги распредувала средствата. Имаме огромни стари долгови и ги плаќаме ратите. Долгот што се плаќа е околу 70 милиони денари. Тој се плаќа годишно. Имаме и проекти кои ги финансираме од буџетот. Овие проекти чинат повеќе и вреди да се задолжиме. За овој потег влијаеше и енергетската криза – објасни Јовчески.

Обврзницата ќе се понуди на пазарот на хартии од вредност. Се очекува интерес од пензиски, инвестициски фондови, па и граѓани. Не се очекува проблем со продажбата на обврзниците.

Loading