РУБИНОТ ОД СИВЕЦ

Драгоцени камења во прилепско

Македонскиот рубин, па и дел од прилепскиот зелен и розев рубин од рудникот за мермер Сивец се дел од колекцијата со накит на холивудските актерки Дерил Хана и Кетрин Денев. Македонскиот драгоцен камен е вграден во крстот на Папата Бенедикт 16 и на Папата Франциско. Во збирките го има и Емирот од Катар и уште многу имиња од културниот и општествениот живот.

Малку држави се гордеат со наоѓалишта на скапоцени камења. Во Европа речиси не постои земја во која има регистрирано појава на природни скапоцени камења од повисок ранг. Затоа се поставува прашањето дали е можно Македонија да е единствено наоѓалиште на престижниот рубин во Европа?

Пред еден век германскиот геолог Ото Хајнрих Ернстмандорфер истражувал и издал неколку научни трудови во кои првпат посочил дека во прилепскиот регион има регистрирано појава на минералот корунд. Според стручнаците корундот претставува кристална форма на алуминиум оксид со траги од железо, титаниум или хром кои даваат различни бои. Црвениот корунд се нарекува рубин. Податокот на Ернстмандорфер не останал незабележан и поттикнал интерес за истражувања во Македонија. Неколку децении подоцна, кога во прилепско бил отворена за експлоатација рудникот за мермер, Сивец, работниците се соочиле со ,,непријатна,, појава. Материјал со неверојатна тврдина им ги оштетувал алатите. Се утврдило дека станува збор за компактни розеви парчиња во внатрешноста на мермерните блокови. Појавата не наишла на воодушевување, туку била дефинирана како маана во внатрешноста на мермерот.

И ден – денес, розевите парчиња завршуваат како шкарт во отпадот. Работниците често, особно по дожд пронаоѓаат различни големини матни, зелени парчиња, и се продаваат по јувелирниците во земјава. Во зависност од бистрината, цената е повисока. Светкаат и розеви, виолетови и сини примероци без кристални форми на површината.

Минералот корунд потекнува од почетокот на создавањето на планетава, па сé до пред 600 милиони години. Во 2000 година, прва научна институција што го докажала постоењето на корундот била лабораторија во Велика Британија. Неколку години подоцна, во 2006 г. истиот резултат го документирала и лабораторијата на Природонаучниот музеј од Лондон, анализирајќи примерок однесен од неколкумина ентузијасти од Македонија. Да се определи составот на минералите треба да се одредат сите компоненти, како и нивните количински односи. Се докажало дека црвениот камен е минералот корунд. Набрзо се дал одговор и на прашањето дали, според меѓународната номенклатура, парчињата корунд од Македонија би можеле да се означат со престижниот назив – рубини. Меѓународна асоцијација за дефинирање на боите кај минералите пресекла дека можно е и оние вариетети на корунд со розева, дури и бледо розева боја да се нарекуваат рубини. Најактуелна е градацијата на рубините во групата на корундите во однос на бојата. Рубинот има тврдина 9 според Мосовата скала, веднаш зад дијамантот на 10 – тата позиција. Големата тврдина е една од поважните физички карактеристики што овозможува рубинот да се користи како материјал за изработка на накит. Карактеристично за сите природни рубини е тоа што често имаат разни примеси. Таквата карактеристика не е недостаток, туку аргумент што ја докажува автентичноста. Убавината е во несовршеноста, дури и кај дијамантите. Имперфекцијата ја покажува душата на скапоцениот камен.

Кога е докажано дека македонскиот рубин го има, тоа требало да се гледа како национално богатство. Лесно може да стане елитен производ кој речиси нема конкуренција во јувелирството. Најдобрите елементи за промоција на една земја е нешто што е од ендемичен карактер, уникатно, единствено, особено во светот на драгоцените камења.

Loading