МОЖЕН ЛИ Е ПОДВИГ СО СИЛЕКС?

Фудбал

Некогаш ќе беше смешно некој да спомне некаков подвиг дома на Победа со Силекс, но сега сето ова има реална основа, поради табелата и формата на ривалите. На табелата Силекс е четврти со 35 бода, Победа 11. последна со 13. Формата е низ пролетните мечеви, каде Силекс има три победи и еден пораз со гол-разлика 10:5, а Победа пет пораза (последниот 4:0 од Брегалница) со гол-разлика 1:14. Сепак, фудбалот е спорт во кој му се дава шанса секому, така што може да победи послабиот, посреќниот, поборбениот. Дуелот е в сабота (15 ч.) на Градскиот стадион: “Гоце Делчев”.

Табела: Струга 43, Шкупи 41, Шкендија 38, Силекс 35, Брегалница 32, Тиквеш 28, Македонија ЃП 26, Работнички 24, Академија Пандев 19. Скопје 14, Победа 13.

Лидерот брка рекорд

Ништо ново во Третата лига – Југ. Водечкиот Вардар и натаму реди победи и е на добар пат да постигне рекорд, со сите победи докрај. На последниот меч неготинците со 1:0 победија со Превалец во Велес. В недела им гостува Младост од Кривогаштани. Засега одлично се држи крушевското Питу Гули. По победата од 6:0 над Бучин, следи гостување во Росоман.

На табелата Вардар води со 39 бода, пред Питу Гули со 34.

Долга пауза за девојките

Многу паузи има во првенството од Првата женска лига. По дербито Тиверија – Деспина (4:2), одиграно на 8 март во Струмица, следи пауза до почетокот на април. Причина се настапите на репрезентациите.

Наредниот натпревар на Деспина е со Кочани во Прилеп.

Loading