МАНАСТИР СО ДВЕ ЦРКВИ

Панорама на Беловодица

Баба Бона иницијатор за градење на манастирот

Колку имаат, толку нека остават

На едно ритче, на 17 километри од Прилеп подало “раце” кон небото манастирчето Свети Георгија кај селото Беловодица. Се закотвило од искона  на местото познато како Црквица. И се сонило на баба Бона да се крени дом за молитва за верниците, за една ,,молба,, за здравје и бериќет до светецот Георгија и Бог.

Баба Бона од Беловодица ја “мачеле” и светците да изгради храм за молитва. Првото манастирче било преселено од местото Ливадиште, а во 1935 година баба Бона со помош на народот почнала градба на новиот божји дом. Три години ставала камен по камен, сложно и со чиста мисла. Молбите и солзите пролеани за грижа на манастирот допреле до селаните, но по нејзината смрт. Силната верба во Бог, во 1979 година поттикнала да се подигне уште една црква поголема,  веднаш до таа на баба Бона.

Двете цркви во манастирот пречекуваат со ширум отворени врати. Она што ќе оставиш, и свеќата, е дар за манастирчето.  Луѓето оставаат колку што имаат.

– Обичај е домаќинот на славата да остави колку има, а Управата или попот помагаат финансиски за пречек на гостите – велат од Управата на манастирот.

Мартовскиот зелен килим наросен и свеж со мирис на мискојна крцка под нозете. Сé е на свое место. На средина е мермерно фонтанче. Дивата круша е “гола” и чека сонце да  ги раскрили ветките. Под неа е поставена дрвена маса и клупи за одмор на душата со прекрасна глетка на врвовите на околните планини. Во дворот од дрво направена дрвена отворена куќичка т.н. ладилник, за летна релаксација во пријатна атмосфера. 

Околината е распослана со соблечена дабова шума. Бела река ита да се сплоти со Егејот преку Вардар. Во близина се растегнало езеро. Водата за пиење е од резервоарот под селото.

За манастирчето Свети Георгија се раскажувало дека даскалот Бугарин ја гаѓал со пушка плочата нацртана со коњи, ставена на манастирските двери. За брзо време синот му се разболел.

Селаните го запоставиле манастирот некое време. Му дале “живот” околу 1980 година. Донеле струја, изградиле конак, опремен со нови постели и ќебиња, чаршави.

– Старите ги предадовме во манастирчето во друго село. Сега има место за спиење за 40 души во седум чисти соби. Трпезаријата собира за ручек дури 200 лица. Кујната е опремена со сите нишани – велат од Управата.

За проширување на манастирот придонес даде Љубе Бранков, а крстовите ги подарил Гога Камчески.

Празник на манастирот е 9 декември, во мај на Ѓурѓовден и Свети Илија кога е осветен манастирот. За слави доаѓаат до 300 гости. Намерници се привлечени од местото и за викенди, иако нема свети води. Убава им била околината и на планинарите.

Манастирот сосема се правел со помош на селаните. Тие сториле ниет и се убедени дека ќе кренат и ѕидана камбанарија.

Гром го удрил манастирот

– Ставаме заземјување, зашто удри гром и направи дупка во ѕидот во конакот. Слаба е струјата и требаат пари за засилување – велат од Управата.

Loading