ПРЕМИЕРНО ПРИКАЖАНА „ПИПИ ДОЛГИОТ ЧОРАП“

Претставата “Пипи долгиот чорап”, според текстот на шведската авторка Астрид Линдгрен, во драматизација на Ивана Нелковска, а во режија на Кристина Димитрова беше синоќа премиерно изведена во театарот. Одлично се претставија Ангела Наумоска, Наташа Ачански, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски и Михајло Миленкоски. Во целосниот концепт се вклопи и музиката на Томе Темелкоски. 

Во претставата се говори за Пипи најневообичаеното и најсилното девојче во светот, која ја живее слободата во буквална смисла.

Најмладата публика го виде ликот на Пипи кој е фантазијата на секое дете кое замислува авантури и патешествија и кое не сака да ја ограничи својата фантазија на реалниот свет. Во претставата Томи и Аника заедно со Пипи и вистински се втрунуват во авантурата надвор во непредвидливиот и опасен свет. При патувањето, со помош на Пипи, растат и ја осознаат важноста на својот безбеден дом. Знаат дека Пипи секогаш ќе биде блиску до нив, дека тој бестрашен и предизвикувачки дух секогаш ќе ги инспирира за нови игри, учејќи ги да бидат подготвени, свесни и одговорни за преземените постапки. Импулсивните и непромислени решенија можат да доведат до страшни и безизлезни места. При истражувачкото патешествие се среќаваат со различни луѓе и ситуации, со слаткари, доктори, полицајци, циркузанти и крадци кои ги инспирираат, предизвикуваат или ги плашат како што е во вистинскиот живот надвор од конфорниот и заштитен дом.

Loading