ПОПОТ ВО РАЈОТ

Еден поп мислел оти е светец, дека служел литургија. Мислејќи за светец, се надевал Господ да го клаи во рај кога ќе умре. Надевајќи се така, í велел на попадијата:

– Знаеш, што сакам да ти кажам?

– Ако ми кажеш, попе, ќе знам. Ако не, од кај ќе знам?

– Бидејќи сум поп, по цел ден се молам на Бога в црква, уверен сум дека кога ќе умрам Господ ќе ме стави во рајот. Откако ти ќе умреш, дојди во рајот и барај ме насекаде, најди ме и да си живееме двајцата наедно како што си живееме овде. Ме разбра?

– Разбрав и го врзав тој збор во умот, само да сака Господ тебе побргу да те земи. Ако умрам попрво јас и после ти, и ти да ме побараш во вечна (вечна мака, пекол), чунки сум многу грешна, та да му се молиш на Бога да ме прости и од вечна да ме избавиш.

– Пеки, попадике, така ќе биди ако умреш побрзо.

Откако си ги врзаа зборовите, попот и попадиката, поминале многу години и прво умрел попот и по неколку години и попадиката.

Попадиката влегла во рајот да го бара попот како што си ветиле кога биле живи. Барала, барала низ сиот рај, од човек на човек, нигде не можела да го види.

– Оф, Боже, за ошто да го нема попот мој во рајот. Де, чекај да наѕрам во вечна, да не нешто го клал Господ таму?

Таму го видела попот. И тој ја здогладал. Уте глата не му била во катранот каде бил ставен. Викнала попадијата:

-Зошто само главата ја вадиш од катранот, излези целиот да те видам!

– Оф, ако не е владиката под мене да газам на неговите раменици и главата нема да ми ја видиш. Ние, поповите, владиците и патриците се мислиме најправедни кога сме живи, ама ние сме биле најгрешните. Сега наместо јас што ќе се молев на Бога за тебе, ти моли се за мене, белки да ме куртулисаш од оваа неискажана мака.

Loading