ОСТАВЕТЕ ГИ ТУЃИТЕ ЖЕЛБИ

Македонците веруваат во европските вредности. Претендираат на учество во процесот на европската интеграција, но со сопствен идентитет, историја и јазик. Преседан е од ЕУ барањето да го смениме уставот. Тоа е  брутална експлицитна постапка што се споредува со уцена. Во меѓународните односи нема емоции, туку интерес и сила.

Македонија е наша рана, болка и надеж, но и наше чувство на морална одговорност пред духот на верност кон боречките традиции. Да ја вдишеш надежта и силата, да ги распрснеш заблудите и лагите, да сееш светлина и знаење, каква поблагодарна задача за човек, застанат со мислата пред иконостасот на поцрнетата татковина. Граѓаните на Македонија треба да знаат дека “државата” и политичките партии не се на нивна страна. Политичките партии немаат чувство на припадност кон државата. Врвиме  низ замаглување на историјата. Македонија треба да ги заштити своите чеда кои се предмет на асимилација. Најавуваат интензивни разговори за уставни измени. Ќе не продадат сите топтан да докажат колку се Европјани, цивилизирани и напредни. Нели е ова фашизам. Бришат антика, име, историја, јазик, идентитет. Културен геноцид, намерно уништување на културното наследство. Душмански однос кон државата и граѓаните. Знаат ли тие што е патриотизам и достоинство? Да се сака државата е патриотизам,  да се брани нацијата и јазикот е патриотизам, да се негува историјата е патриотизам. Од кога тоа во Македонија патриотизмот е ерес? Љубовта кон Македонија е сведена на примитивен национализам. Кога би бил жив Гоце Делчев и тој би бил на црната листа. Несозреаната, распарталена и испукана на сите рабови “нашата земја”, со државјанство со коси црти, безалтернативно и забегано настојува по секоја цена да влезе во ЕУ. Се откажаа од македонското национално малцинство, го редефинираа идентитетот и јазикот, се залагаат за правата на обесправените “македонски Бугари” и “заедничка историја”.

Историски факт е дека без македонската историја и култура, Бугарија има сериозна празнина во историскиот и националниот идентитет. Замислете ја бугарската историја, јазик и култура без македонските корени, без Светите браќа Кирил и Методиј, без Св.Климент и Охридската Архиепископија, без илјадници други личности, настани и моменти украдени од македонската историја.

Проевропска малограѓанштина, само туѓинци и фанатици цензурираат книги, брусат шахти, уриваат споменици, демолираат фонтани, бришат и менуваат табли. Тоа претставува чин на самонегација и предавство на нашите предци кои ги дадоа своите животи за сопствената држава. Не можат да се ослободат од тие Едиповски комплекси и фрустрации со македонизмот, Македонците и Македонија. Нивната цел е да се докаже дека Бугарите и Македонците се ист народ, ама Бугари. Екстремизмот на Атина, Софија и Тирана се огромни. Желбата за фотелја вреди повеќе од правда. Зошто алчните политичари станаа нормална појава? Им се може? Изгледа дека албанските екстремисти заборавиле што пишува во насилничкоит рамков договор, во преамбулата на македонскиот устав: се гарантира унитарноста на државата. Но, тие мислат и Заев, и се е можно.

Познат е митот на богатиот крал Мида и неговото страдање од незаситеност кога посакал со неговиот допир се да претвора во злато. Но, не помислил дека желбата не е само благослов, туку може да биде и проклетство.

Секој паметен човек  треба да размислува долгорочно и да не прави нешта поради кои ќе се срамат идните негови генерации.

ПРИМ. ДР, Б. ДАМЕСКИ

Loading