ЌЕ ГО МАЖАТ ЕРГЕНОТ

Фудбалски натпревар. Коментаторот наш. Грешките редовни. Слушаме (а и гледаме) дека се бие корнер. Коментаторот вели дека некој ја закачил топката со глава и таа завршила во аут. Сме слушале некој за некого да вели дека има шајка во мозокот, но не сме чуле дека главата може да има форма на шајка, па да ја закачи топката. Играчот можел да бие со глава или само за малку да ја зафатил топката со главата, ја гибнал, ја чепнал, но да ја закачи, не може никако. Српските коментатори велат така. И нашиве по нив.

Истиот коментатор упатува пофални зборови за некој фудбалер. Бил активен, се движел на сите страни и коментаторот вели дека го претрчувал теренот надолж и попреко. Повторно си присвојува израз од неговите српски колеги, си ги преведува на свој начин и си тера така. Србите велат “Уздуж и попреко”. Ние, “надолж и попреко”. Најдобро е ако се рече дека играчот имал широк радиус на движење, го претрчувал теренот и ВДОЛЖ и ВШИР. Прилогот “надолж” не постои во нашиот јазик, исто како што не постои и “попреко”.

Јазичните грешки ги има во сите области.  Дури и во народните песни. Да не се разбереме погрешно. Песните изворно немаат грешка. Којзнае од какви причини, потоа пејачите ги пеат на погрешно. Гледавме некоја емисија на народна музика некаде. Весело, распеано, разиграно. Извесено симпатично девојче ја пее песната (позната) “По друм одам мајче, по друм шетам”. Се зборува потоа во песната дека на тоа момче му здодеал ергенскиот живот и сакал да се жени. Повторуваме, сакал да се ЖЕНИ. Пее пејачката а ние слушаме :

Кога ќе ме МАЖИШ

мајче да ми кажеш,

пуста беќарштина

мајче не се трпи.

Од кога почнаа ергените да се мажат?! Слуша ли тоа девојче што зборува, што пее? Слуша ли придружбата на оркестарот. Не е некој непознат израз, термин кој ретко се користи, па да се згреши. Познато е и срамно е да се објаснува дека ергените се ЖЕНАТ, а не се МАЖАТ. Но, ете, пее пејачката, грми тапанот, разлеваат другите инструменти, сé е весело, ќе го мажат ергенот.

Како спортскиот коментатор што не се слуша (или не мисли) што зборува, така и нашава пејачка не знае што пее. Да кажеме, меѓудругото, дека пејачката пееше мошне убаво. Тука нема никаква мана. Ама кутриот ерген не ќе да се чувствува баш убаво дека сакале да го мажат.

Претпладне, често, речиси на сите ТВ има емисии од областа на медицината. Гостуваат доктори, специјалисти од разни области. Пребарувајќи со далечинскиот управувач, наидовме на почната емисија. Не успееме да разбереме точно за што станува збор. Го слушнавме докторот како вели: “Ваквиот случај може да доведе и до падавица”. ПАДАВИЦА Зошто пак српски збор? Тој е изведен од глаголот “падати”. Кај нас, од глаголот “паѓа”, не се развила таква именка. Кај нас тоа може да биде – припаѓање, несвестица или како што се вели стручно епилепсија. Тоа е грчки збор. Обично, докторите, за евентуалните грешки се правдаат дека учеле од српски учебници. Докторот беше млад. Неможно е да учел од српски учебник.

Слушнавме од извесна новинарка дека Нова Година се празнувала ширум планетата. Уште не сфатија дека српското “широм” и нашето “ширум” не е исто. Кај нас, “ширум” е прилог а не предлог. Покажува – како? Вратата е ШИРУМ отворена. Таквите зборови се остатоци од падежни форми – ширум, скокум, простум, ничкум, скришум. Како влезе ? – скришум. Значи, не каде влезе, туку како влезе. Така е и со – ширум. Значи, Нова Година се прославувала низ целата планета а не ширум планетата.

Loading