ЕМ ЕКСПЕРТ, ЕМ СВЕДОК НА СМРТ И КРВ

Бобан Стојаноски – дипломиран сообраќаен инженер – вештак

Со преку 20 годишно искуство Бобан Стојаноски – дипломиран сообраќаен инженер, ги открива тајните на професијата, односно суштината на вештачењето на сообраќајките за кои мислиме дека е неможно да се откријат.

Кога и како започнуваат Вашите чекори во областа на сообраќајните вештачења?

Уште на Сообраќајниот факултет ме интересираа сообраќајните планирања и разрешувањето на сообраќајните  незгоди. Со завршувањето на студиите во 2000 г., се пријавив за вештак во судот во Прилеп. Станав вештак  со 27 години, најмлад во цела Македонија. Без поголемо искуство, вештачев помали сообраќајки, најчесто во прекршочни. Почнав сам да се надградувам. Набавив странска стручна литература за вештачење од универзитетите од Беград и Загреб, и од универзитетите од Виена, Минхен и Париз. За кусо време бев вклучен во повеќе сообраќајки во Прилеп. Законот беше таков, на терен одеа истражниот судија, обвинителот, полицијата и вештакот. Професионализмот растеше и станав препознатлив низ земјава. Вештачев сообраќајки низ Македонија. Бев соработник на Бирото за судски вештачења.

Која е постапката за вештачење и како сето се одвива ?

Сообраќајното вештачење е дел од судската постапка за утврдување на причините. Тоа е дел од прекршочната постапка без тешки повреди и без големи материјални штети. Задолжително е во кривичните постапки со тешки или со смртни повреди. Вештачење дава одговор за пропустите и причините за незгодата. Се користи и во граѓанската судска постапка при наплата на штета. Вештачењето не се врши на самото место. При сообраќајка се врши само увид на местото, се фиксираат сите распрскани делови, мерење и исцртување на трагите на коловозот, положба на учесниците и друго. Се изготвува скица во размер од местото и фотодокументација. Тоа е дел на екипата на  крим техниката на МВР. Изготвената скица и фотодокументација се основата за изготвувањето на вештачењето. Вештачењето се заснова на научна анализа на фиксираните траги на коловозот и внесени во скицата од местото, како и фотографиите. Се утврдува брзините на возење со математички методи кои даваат одговор за брзината на возилата и положбите на возилата пред контактот. Вештачењето секогаш се заснова на технички аспект. Тоа е одговорна работа, оти судската пресуда се темели на изнесените причини и пропусти на учесниците. Вербалните искази на учесниците или сведоците се дел за ценење  на судот. Исказите на учесниците и сведоците претставуваат сопствено, лаичко видување, кое поради краткиот временски период не секогаш е правилно и веродостојно. Некогаш исказите се сосема спротивни на материјалните траги или спротивни на физичките закони и технички невозможни. Вештачењето е составен дел од судските списи за некоја сообраќајка.

Колку и како сте в вештачеле?

Во архивата, покрај прво вештачење, имам податоци за околу 1600 други  на 10 000 страници. Памтам многу од сообраќајките до ден денес. Сум бил на увиди, непосредно сум присуствувал, па и на несреќи со смртни последици, дури и каде страдале деца.

На што се должат сообраќајките?

Основни причини се неприлагодената брзина според условите на коловозот или непочитување на ограничувањето на брзината. Пешаците се најранливата категорија. Нужно е да обрнуваат внимание при преминување на улиците, бидејќи возилата не можат да застанат моментно. Тоа важи и за велосипедистите. Внимателно движење заедно со возила на улицата или кога се движат во близина на големи камиони.

Што би им препорачале на учесниците во сообраќајот ?

Првенствено да ги почитуваат сообраќајните правила. Младите да знаат дека брзото возење не е безбедно. При брзина од 72км/ч, возилото минува 20м/сек. Тоа е трепнување со окото, а возилото изминува 20 метри, такаречи на слепо. Пешаците добро да внимаваат кога преминуваат преку улиците. Пред да почнат со минување да застанат, да гледаат и да можат да бидат видени.

Уште ли вештачите и што се случува со архивата?

Неколку години не вештачам поради други професионални обврски. Но, кој знае, можеби пак ќе се вратам. Архивата можеби, еден ден, ќе биде објавена како книга со искуства. Од историско-временски аспект, ќе биде интересна, а и корисна за некого од технички аспект.

Компјутерска сималција

Во 2006/2007 год., прв во земјава воведов метода за вештачење на сообраќајните незгоди со компјутерска симулација со можност за целосна визуелизација и набљудување од било која позиција. Тоа беше новина која влијаеше успешно, лесно, брзо и правилно да се одгатнат сите елементи на незгодата.

Познати во “судир”

Не би издвоил позната личност во сообраќајка. Имаше една, на патот Прилеп-Битола, наспроти сегашен Гентерм. У чесник беше автобус од Србија со оркестарот на Горан Бреговиќ. Со инструментите патувале на концерт во Грција. Немаше човечки жртви, но имаше голема материјална штета.

Специфични сообраќајки

Би издвоил две со смртни последици кои беа скоро на исто место, на клучката кај Могилата. Во првата, во правецот Битола – Прилеп на коловозот имаше застанато неосветлено товарно возило – шлепер. Во задниот лев агол удри џип Сузуки со семејство со три деца од Косово. На местото почина совозачот, сопругата, и две деца од задното седиште. Глетката беше страшна и жална. Во втората, Опел Омега од правец на Скопје кон Битола при што возачот поради опасност го поместил возилото во лентата за забрзување кон Битола и со полна брзина удри во метален браник кој немаше заштитен косник. Металниот браник беше исфрлен од ударот како копје во правец кон Битола а вториот браник надолжно како со нож го пресече возилото и се прекрши нанесувајќи им смртни последици на совозачот и патникот назад. На една сообраќајка на патот кон Долнени, со возило се превезуваа тројца патници, а возилото излета надвор од патот и се превртуваше повеќе од 200 м. Возачот и сопатникот имаа тешки повреди, а момчето од задното седиште при излетувањето клекнало и се приклештило меѓу седиштата и помина без никакви повреди. Сограѓаните се сеќаваат на големата нишалка како брод. Имаше сообраќајка со неа. Се преврти при транспортот, од Плетвар кон Прилеп. Сообраќајот запре до доаѓањето на специјална дигалка. Необична беше и сообраќајката кај новите гробишта. Во директен судир меѓу комбе и патничко возило загинаа неколку патници. Во комбето се превезуваа возач и совозач. Двајцата негираа дека го управувале комбето. Со анализа на оштетувањата во кабината, кај волано и повредите на двете лица, како и подигнатите микро траги од крим техниката точно се утврди кој од двете лица бил возач на комбето.

Loading