ЈАЈЧНИК – НЕ ЈАЈНИК

Меѓу многуте емисии кои ги гледаме на нашиве  ТВ, често е застапено здравството. Се разбира, како и обично, како во сите програми, и овде слушаме јазични грешки. Така за белите дробови се вели дека се “плуќа”. Слушаме “запушени” крвни садови, наместо затнати или зачепени. И многу, многу грешки.                 Слушавме за некој судски процес. Таа област нам ни е туѓа, не се разбираме ништо од тоа. Но, слушнавме дека на извесна госпоѓа í бил отстранет едниот јајник. ЈАЈНИК! Токму тој збор го привлекува вниманието. Сме го слушале безбројпати, го слушаме редовно. Тој збор се вгнездил толку длабоко во нашиот секојдневен речник и никој не помислува декае тоа е грешка. Така го викаат докторите, така новинарите, сите. Се разбира, тоа се прави поради силното влијание од српскиот јазик. Тоа влијание е толку силно, а нашата грижа за јазикот е многу слаба. Навлегуваат во нашиот јазик непотребни зборови. Ќе се обидеме да ја објасниме “биографијата” на тој збор. Во српскиот јазик именката гласи “јаје”. Од таа именка е произведена именка “јајник”. Нема да навлегуваме во анатомијата, но јасно е дека во женскиот организам постојат два такви органа, кои нашиве луѓе ги викаат “јајници”. Така ги викаат и никој, ама буквално никој, не размислува дека во нашиот јазик не може така. Ако се досети некој да погледне во Речникот, ќе му стане јасна грешката. Нашата именка не е “јаје”, туку е “јајце”. Ако од јаје би произлегло јајник, тогаш од јајце ќе произлезе ЈАЈЧНИК. Познато е во повеќе случаи кога “ц” преминува во “ч”. Така е каца – качар (не кацар), деца – дечар (не децар) и … Значи, тогаш е нормално од ЈАЈЦЕ да произлезе ЈАЈЧНИК, а не ЈАЈНИК. Затоа ни сведочат и некои други зборови, именки, произведени од именката ЈАЈЦЕ. Имаме именка “јајчар”, човек кој продава или кој многу сака јајца. Имаме “јајчарник”, тоа е кутија во која се чуваат јајца. Постои и специјална пита која носи име “јајчаник”. Тоа се варени кори (јуфки), откако ќе се сварат се попаруваат со јајца и шеќер изматени во млеко. Се прелевеаат сварените кори и се потпекуваат. Понекаде тоа го викаат “млечник”. Јадењето е многу вкусно, но да не навлегуваме таму. Целта ни е да кажеме дека од именката ЈАЈЦЕ се добиле именките – јајчник, јајчар, јајчаник, јајчарник, а во никој случај не би било – јајар, јајарник, па затоа не може и јајник. Накусо,ЈАЈЧНИК, не ЈАЈНИК.

Гледаме ТВ дебатна емисија. Темата е за влошените односи меѓу Македонија и Бугарија. Зборува извесен господин, експонирана личност. Сугерира дека треба да се решаваат работите мирно, без некои навредливи зборови, без кавгаџиски тонови. Но, вели господинот, дека сепак ќе се најде некоја “усијана” глава која ќе направи нешто што не е добро. УСИЈАНА глава! Зборува господинот доста возбудено и во таквата ситуација побрзо му доаѓа да употреби српски збор. А зошто да не може да биде “усвитена” глава, може да биде и “вжештена” глава, може да се најде и поинаков израз. Но, на нашиве луѓе полесно им е да се позајмуваат српски зборови. Чести се таквите појави, мошне чести.

Нечистиот воздух во Скопје станува редовна тема, особено во зимскиот период. Новинарите, па и некои други говорители на таа тема, често сакаат да употребуваат некој поинтересен збор, па велат дека Скопјани дишат на “шкрги”. Интересно! Во сите речници стои дека македонскиот збор е “жабри”. Но… кому му треба РЕЧНИКОТ?

Loading