ГОСПО И ЗМИЈАТА

Кога ги створил Госпо Адам и Ева, ги однесол во рајската градина. Одредил што да прават, а што не. Им забранил да јадат од јаболкото. Наминала змијата Краства, ги прелагала Адам и Ева. Ја послушале и каснале од јаболкото. Косата од телото им попаднала каде што се фатиле. За главата се стегнале со рацете, им останала под мишките, ги стегнале нозете и меѓу нозете им останала косата.

Од срам се скриле во рајската градина. Госпо ги барал. Ги повикувал, но не сакале да се јават. Кога им рекол дека гледа каде се кријат, дошле усрамени. Ги прашал:

– Зошто сте голи?

Му рекле дека змијата Крастава ги прелагала и каснале од јаболкото.

Госпо ја викнал змијата, која дотогаш одела простум, да í суди зошто ги прелагала. Змијата рекла:

-Сакав да ја откријам тајната на јаболкото. Што ќе се случи со Адам и Ева, ако каснат од јаболкото.

Госпо се налутил и, како што стоела исправена, со кавало ја удрил на половината и ја прекршил. Таа паднала долу и ја проколнал.

-Проклета да бидиш, живото со влечење да го врвиш! Човеко, главата да ти ја столчи каде да те најде. Да те фрли на шип и капина, на боцки, на сонце и на дожд да се скапуваш, коска по коска да се распаѓаш и гробнина да немаш!

Змијата му рекла на Госпо:

-Кога толку клето ме проколни, го тераш човекот да ме мрази и убива, затоа ќе го каснувам да умри и отров во водата што ја пие ќе му пуштам, да го отрујам!

Госпо í рекол на змијата.

-Животни ќе пуштам во водата да го соберат твојот отров. Магарињата и коњите ќе мочаат, ќе ја блажат водата и не можиш ништо да сториш!

Госпо ги створил жабите во сите слатки води да го собираат отровот од змијата. Секое магаре или коњ застанува, се помочува и продолжува штом ќе поминува преку вода, и колкав товар да носи. Госпо го благословил да ја разблажуваат водата од змискиот отров.

Loading