ВО СКУТОТ ДА ТИ ПРЕСПИЈАМ

Не можеме да се присетиме дали сме ја спомнале приказнава со која сакаме сега да направиме извесна споредба.

Некој човек, во некое одамнешно време, си купил нива. Му дале и тапија. Тој не бил писмен и не знаел што пишува во тапијата. Сретнал некој оџа и го замолил да му прочита:

-Оџа, те молам да ми прочиташ што пишува во тапијава.

-Не знам да читам – рекол оџата.

-Како не знаеш, ами чалмата?

-Ако мислиш така, еве ти ја чалмата, па прочитај си.

Зошто го пишуваме ова? Слушаме и читаме на ТВ разни преводи од разни јазици. Читаме и слушаме огромен број грешки – лексички, синтаксички, граматички и секакви. Тие луѓе, преведувачите, кои се вработени во ТВ, не се случајни луѓе и не треба да бидат случајни. Тие сигурно имаат  “чалми” (дипломи) но, еве, јасно е дека ниту чалмите, ниту дипломите не можат да преведуваат. Преведувачи се должни да го познаваат до перфекција нашиот јазик. Треба да учиме од нив, а не да гледаме грешки кои може да ги согледа и полуписмен човек.

Не можеме да ги забележиме сите грешки. Многу се, премногу. Еве една, која досега не сме ја чуле. Во сериски филм, актерот кој толкува една од главните улоги, и се обраќа на извесна госпоѓа: “Чекај да ти седнам во крило”. Ете така! Сака човекот да и седне во крило. Дури и без да биде членувана именката “крило”. Кога би знаел преведувачот дека таа именка на македонски гласи “скут”, сигурно би рекол “Да ти седнам во скут”, наместо во “скутот”. Преведувачот не сакал многу да размислува. Си отишол на “непресушниот извор”, на српскиот јазик, си зел српски збор и ја завршил работата. Зошто? Зборот СКУТ е толку познат, го има и во народната поезија:

Тури ми тури Тодо,

стодрам ракија,

да спијам Тодо мори,

да пијам Тодо мори,

да се опијам,

на СКУТОТ Тодо мори,

да ти преспијам …

Еве, човекот сакал да преспие на СКУТОТ, а не на КРИЛОТО. Народот создал таков збор. Зошто сега се отфрла и се позајмува туѓ? Туѓи зборови (обично српски) слушаме не само во преводите. Слушаме и читаме насекаде, во вестите, во контактните емисии, во извештаи на новинарите, насекаде. Слушнавме ваква реченица: “Ковачевски, за да си го врати рејтингот, се снима како јаде грав и кобасици”. Неодговорност. Тотална! Колбаси се тоа кај нас, а не кобасици. Тој збор се користи во скопскиот жаргон, но во ТВ емисија тоа е недопустливо.

Уште една слична грешка, употребен српски збор. Се избирал претседател на Судскиот совет. Но, и тука не може без јазична грешка. Наводно, изборот не бил најсоодветен. На екранот читаме, а и слушаме: “Изборот на Дамева го покажува трулиот систем”. Пак српски збор. Придавката “трул” (трула, труло) не е наш. Кај нас тоа е “гнил” (гнила, гнило). Овој збор се користи во повеќе контексти. Зар малку пати сме чуле за гнили круши, гнили конци и слично. Оскрушата и мушмулата не се јадат додека не огнијат. Го среќаваме тој збор дури и во шекспировиот Хамлет. Таму, еден од ликовите изговара ваква реченица: “Нешто е гнило во Кралството Данско”. Ацо Шопов го препеал Хамлет.

Можеби не треба олку објаснувања за збор кој е премногу познат.

Но, ете, нешто е ГНИЛО во познавањето на нашиот јазик.

Loading