НА ЛИЦЕ МЕСТО

Постојат некои јазични недоследности за кои веќе никој не размислува. Ги слушаме редовно како и да не постои тука никаква грешка. Како да си е сé во најдобар ред. Си го поставуваме прашањето, зошто е тоа така? Зошто никој не помислил и не размислил дека се тоа грешки. Се разбира, мислиме, пред сé, на лекторите. Овојпат ќе се задржиме на две грешки што ги слушаме редовно.        Првото нешто за кое ќе пишуваме е поздравот – “Ви пожелувам пријатна вечер”. Ќе почнеме со една парадоксална ситуација. На ТВ “Алфа” постои емисија која е насловена – “Везилка”. Екипата се сели од град во град. Не запознава со карактеристиките на односното место. Се разбира, емисијата е проткаена и со музика, наша, народна, македонска. Од емисијата што ја гледавме, на крај бевме поздравени со песната “Што имала ‘ксмет Стамена”.  Ќе приведеме некои стихови:

Што имала ‘ксмет Стамена,

мајка и болна легнала.

ПОСАКАЛА вода студена…

Што разбираме од овој стих? Значи, мајка и на Стамена ПОСАКАЛА студена вода. Побарала да и се донесе. Глаголите “посакала” и “побарала” имаат исто значење. Штом некој ќе посака или ќе побара, значи дека сака нешто да добие за себе. Може некој дапосака и пари на заем, може да посака и некоја поинаква услуга. Значи, некој сака нешто да добие. Мајка и на Стамена сакала да добие вода студена. Така вели песната. Кога заврши емисијата водителката ја одјавува и вели – “Ви посакувам многу здравје и среќа”. И, еве сега што излегува. Мајка и на Стамена и ПОСАКАЛА на ќерка си да и даде вода студена, а водителката ни посакува нам да и дадеме здравје и среќа.

Погрешен е поздравот што го слушаме. Рековме, “посакувам”, значи исто што и “побарувам”. Зошто го забораваме глаголот “пожелувам”. Тој треба да се користи во ваквите ситуации. Еве еден пример од текст на БлажеКонески: “Откако и ПОЖЕЛАВ добар викенд, таа забележа дека ќе и биде напорен”. Конески не вели и ПОСАКАВ, туку и ПОЖЕЛАВ. Така треба. Тоа е точното. А ние редовно слушаме од ТВ како ни ПОСАКУВААТ.

Во Речникот е одбележан и еден пример од народна поезија: “Кој посаквит, се вода му се дават”. Уште еден пример дека кој посакува бара да му се даде нешто. Оние кои нипосакуваат среќа, всушност, бараат да им дадеме среќа. ПОЖЕЛУВАМ, не ПОСАКУВАМ – такатреба. 

Вториот случај за кој ќе пишуваме е изразот “На лице место”. На една ТВ има емисија – “На лице место, со Кате”. Грешка, која несвесно се користи. Изразот е преземен од српскиот јазик, но погрешно. И таму именките гласат “лице” и “место”. Но, Србите не велат “На лице место”, туку “На лицу места”. Преведено тоа би значело (буквално) “На лицето од местото”. Таму тоа е решено со падежите, а кај нас треба со членот. Значи – “На лицето од местото”, или “Точно на тоа место”. Кај нас е најправилно да се рече – “На самото место”. А вака, “На лице место” не значи ништо. Две именки “лице” и “место” со ништо неповрзани, ништо и не значат.            

Еве еден пример, една реченица: “Клучот го носам во џебот на панталоните”. Замислете, ако не се членуваат ни именките “џеб” и “панталони” и ако го нема предлогот “на” како ќе звучи реченицата “Клучот го носел во џеб панталони”. Исто како “на лице место”. Често слушаме дека полицијата пристигнала на “лице место”. Не! “Полицијата пристигнала на самото место”, а не “на лице место”. Овој погрешен израз е толку навлезен во нашиот вокабулар што никој и не помислува дека таков каков што е не значи ништо.

Да резимираме! Не ВИ ПОСАКУВАМ, туку ВИ ПОЖЕЛУВАМ. Не НА ЛИЦЕ МЕСТО, туку на САМОТО МЕСТО.

Loading