КРАЛИЦАТА НА ДУНАВ

Будимпешта

Популарна дестинација за патување е Будимпешта, престолнината на Унгарија. Фасцинантна е историјата со бројни знаменитости и споменици. Градот на двата брега на најголемата река во Европа, Дунав, е економски, политички, културен, сообраќаен, индустриски и трговски центар на земјата. Се создал со спојувањето на Будим на десната и Пешта на левата страна на Дунав. Располага со развиен систем на јавен превоз. Само со карта во метро, трамвај, тролејбус и градските автобуси се стигнува насекаде. Официјалната валута е форинтата, но може да се плаќа и со картичка такаречи во секоја трафика.

Градот е со бујна и бурна историја, преубава архитектура, значајни културни и историски споменици. Дури располага и со лековити извори и бањи, па паркови, шеталишта и една од најубавите зоолошки градини… Сé се ставило во во служба на туристичката атракција што може да ја даде местоположбата. Историјата може да се “прогугла” и да се најдат илјадниците привлечни локации кои оставаат впечаток повторно да се посака кам бек.

Се препорачува посетата да почне од друга страна, од улицата Ваци, која е главна пешачка и шопинг зона. Шетајќи се, се доаѓа до Косут плоштадот со зградата на Парламентот, која е една од најголемите во Европа. Може да се влезе и да се “открие” целиот раскош на неоготскиот стил и препознатливиот изглед на неоренесансната купола. Во убавината се ужива и додека се крстари по Дунав или се преминете некој од многубројните мостови.

Може да се биде посиромашен, ако се пропушти катедралата Св. Матијаш или Андракс булеварот, кој е познат како авенија на културата, заради бројните културни знаменитости, а меѓу нив е најпозната е операта. Потоа е Плоштадот на хероите, во чија средина е Милениумскиот споменик со статуиите на седумте племенски водичи кои ја формирале Унгарија. Тука се статуите на важните личности на земјата, кралот Стјепан, Бела четври, Лајош Кошут. Во средината се издига 36 метри високиот коринтски столб. На врв е скулптурата на ангелот Габриел. На плоштадот е Музејот на убавата уметност и Музејот на современите уметности. Блиску е зоолошката градина со главниот градски парк. Восхитува дворецот Вајдахунјад кој е реплика на романските дворци. Нема некоја голема историска, но има туристичка вредност.

Двете страни на Дунав се поврзани многу мостови. Најпознат е Мостот на синџирите или повеќе ако сакате Мостот на лавовите. Тој бил првиот мост преку Дунав, кој ги спојувал Будим и Пешта. Мост го красат камени скулптури на лавови кои симболично го чуваат. Преку него е стариот Будим. Може и пешки или со жичарница или организирано со автобус, да се искачи до будимската тврдина и да се види Кралскиот дворец и Рибарската тврдина. Оттука има фантастичен поглед на Дунав.

Будимската тврдина е стариот дел на градот. Тој бил стратешки центар. Низ историјата била освојувана и ослободувана повеќе од 30 пати, а на јужниот крај е Кралскиот дворец каде сега се Историскиот музеј, Националната галерија и Националната библиотека.

Рибарската тврдина е градена 1905 година. Името го добила заради тоа што рибарите во борбите во средновековниот период биле задолжени да ја бранат тврдината. Комлексот е составен од седум кули кои ги симболизираат седумте племиња кои ја создале Унгарија. Можно искачување до Рибарската тврдина. Од таму го има еден од најубавите погледи на Пешта, на Дунав, на мостовите, на зградата од Парламентот.

Од ридот Гелерт е најубавиот поглед. Како на дланка се Будим и Пешта. На врвот е една од најпрепознатливите статуи – споменикот на слободата. Тоа е женска фигура која во раката држи гранка палма, како симбол на победата.

Секако да се вкуси унгарски гулаш, со добро вино и колачот куртош и многу други специјалитети. По шетачката улица Ваци се распослани рестораните со вкусна храна. Посебна атракција е и градскиот пазар каде жмоат да се  купат сувенири за спомен и да се ужива во унгарскиот чардаш.

Будимпешта е неисцрпна туристичка дестинација. Секогаш се најдува нешто ново, интересно, поинакво доживување.

Текст и фото Каролина Мицевска

Loading