ВЕЗИЛКА

Везилка! Емисија на една наша ТВ. Екипата оди од град во град. Информира за карактеристиките на тоа место. Емисијата е проткаена и со музика. Голем дел зафаќаат и кулинарските специјалитети. Се презентираат карактеристичните јадења во односните градови. Водителката, со малку пренагласени манири, ги претставува домаќините и разговара со нив. Поставува прашање: “Што најповеќе готвите” ? Во оваа кратка реченица постојат јазични грешки. Најпрво, ќе го земеме прилогот “најповеќе”. Познато е дека квалитативните придавки можат да образуваат поредбени степени. Основната форма “позитив” , вториот поредбен степен “ компаратив “ и третиот “ суперлатив “. Пример, убав, поубав, најубав. Кај именките нема такво степенување, но ќе се најде некој случај, мајстор – помајстор, курназ – покурназ – најкурназ. Поредбени степени се јавуваат и кај некои прилози: “многу” или пак “малку”. Кај прилогот “малку” нема проблем: малку, помалку, најмалку. Со прилогот “ многу “ се прават и многу грешки. Не може да биде: многу, помногу, најмногу. Ако е позитивот МНОГУ компаративот е ПОВЕЌЕ, а суперлативот е НАЈМНОГУ. Водителка вели: “Што најповеќе готвите”. Не може така. Не може да биде “најповеќе” како што не може да биде “најпомалку”. Еве ја сега и втората грешка, синтаксична. На тоа веќе никој не обрнува внимание. По прашалниот збор треба да оди глаголот. Реченицата би требало да гласи: “Што готвите најмногу”, а не “Што најповеќе готвите” ?

Кога сме кај синтаксата, уште еден лош пример. Во некои од вестите читаме и слушаме: “Како контраверзниот украински политичар добил македонско државјанство”? Велиме дека по прашалниот збор (како) треба да дојде глаголот. Овде се гледа каде избегал тој, колку е далеку. Треба да биде: “Како добил македонско државјанство контроверзниот украински политичар”? Може и: “Како добил контроверзниот политичар македонско државјанство”? Во двата случаја по прашалниот збор “како” доаѓа глаголот – “добил”. Ваков е редоследот на зборовите карактеристичен за македонскиот јазик. Никој не се грижи за тоа. Сите се поведуваат на српскиот јазик. Таму би било така: “Како је контраверзни украински полтичар добио македонско државјанство”?

Водителката за кулинарските вештини со домаќините вели: “Еве сме сега овде во студиото”. Ако е веќе во студиото и ако вели дека е ОВДЕ, не може да биде во СТУДИОТО, ќе биде во СТУДИОВО.

Но, да не ја критикуваме само неа. Оваа грешка ја прават сите – презентери, новинари, коментатори, сите.

И домаќинката, која го претставуваше нејзиниот град, објаснуваше како имале своја “кафана”, како ја создале и што се подготвува. Зошто – КАФАНА? Тука се пие кафе а не кафа. Зошто српскиот збор? Таму си е кафа, кај нас е кафе. Зборот КАФЕАНА е турски. Буквално ако го преведеме би значело: “кафе куќа”, како што е меана, исто така турски збор и значи – “вино куќа”. Останале тие зборови во нашиот јазик и станале норма – МЕАНА и КАФЕАНА. Зошто трчаме по српските варијанти – КАФАНА?

Домаќинката вели дека во кафаната припремале разни специјалитети. Зборот “припрема” е српски, кај нас е подготовка. А ако веќе станува збор за храна, тогаш нема ПОДГОТВУВАМЕ, туку ПРИГОТВУВАМЕ.

Гледајќи ги убавите јадења на масата, а слушајќи ги домаќинката и водителката, по малку ни се бурбати во стомакот.

Loading