РЕДОТ ГО ПРОДОЛЖУВААТ БАКАЛИТЕ

За празникот Св. Три Светители

В недела светата православна црква ќе го празнува споменот на трите црковни великани: Св. Василиј Велики, Св. Јован Златоуст и Св. Григориј Богослов, трите ерарси кои се познати како три светители. Традиционално, бакалскиот еснаф го слави овој ден, „Св. Три Светители” како патрон празник.

Прилепските бакали со нивните семејства, и годинава на еснафскиот празник, ќе се помолат за здравје, бериќет, мир и благосостојба. Во храмот „Св. Благовештение” ќе се одржи архиерејска литургија со која ќе чиноначалствува најмалку еден владика. Домаќин ќе биде Пеце Гелевски, а в година ќе го наследи Бојан Цветкоски. Уште се неуморни во организацијата, го сакаат празникот и го запазуваат редот.

– Единствен еснаф сме кој за празникот има собрано на едно место дури пет владици. Секогаш има барем најмалку еден митрополит на службата. Ние сме дестина бакали ангажирани околу организацијата: Менде Соро, Емил Шопе, Љупче Малото, Пената, Цане Талески и други. Во 2024 година кога ќе одбележиме 70 години од органзиираното одбележување ќе ја направиме манифестацијата масовна. В недела на 12 февруари ќе биде пеењето в црква, а другиот викенд на 18 февруари ќе дадеме вечера за околу 150 гости, а на 19 февруари пак очекуваме, дури 500 посетители. Ја негуваме традицијата со сите нишани, со благослов од намесникот ги покануваме сите, и владици, и дуќанџии, и сопственици на магацини. Буквално сите. Така сме правеле и така ќе правиме – вели Диме Саботко од бакалскиот еснаф. 

Инаку, празникот е посветен на тројцата светители. Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст се сметаат за три столба на христијанската црква. Славењето на патрониот празник на бакалите е децениска традиција. Домаќин на минатогодишното празнување беше Кире Јандреовски кој го предаде кумството.

Бакалската традиција се негува уште од 1954 година, кога празникот “Св. Три Светители” е патрон празник на прилепскиот бакалски еснаф од кога и постои здружението на бакали, кое претставува еден од најголемите еснафи во градот.

Калезбата на бакалите почнува уште од 2-3 февруари кога ги посетуваат со шеќерче и ракија сите дуќанџии. Ги вклучуваат и помладите да не загине традицијата што одамна се негува.

СВЕТОСТ СО ЧОВЕЧКИ МЕРИЛА

Тројцата светители: Св. Василиј Велики, Св. Григориј Богослов и Св. Јован Златоуст „заедно душа дале за христијанството”. Нивната светост почнала да се мери со човечки мерила, па така овие светители наместо причина за соединување во љубовта станале предмет на меѓусебни разделби. Христијаните се делеле, мерејќи кој од нив е посвет од другите. За да го запре безумието Црквата го установила нивното заедничко и рамночесно празнување.

Причината за востановување на заедничкиот празник е што народот се поделил на Василевци, Григоровци или Јовановци. Тогаш тројцата светители, најпрвин секој одделно, а потоа и заедно му се јавиле на епископот Јован, епископ Евхаитски и тоа не на сон туку на јаве и му рекле: „Ние сме еднакви пред Бога, како што гледаш, меѓу нас нема поделби ниту какви било меѓусебни спротивности. Секој од нас одделно во свое време, поттикнат од божествениот Дух, напишавме соодветни поуки за спасение на луѓето. Тоа што го научивме тајно, на луѓето им го предадовме јавно. Меѓу нас нема ниту прв, ниту втор. Ако ти се повикаш на едниот со тоа се согласни и другите двајца. Затоа заповедај им на оние што се расправаат поради нас, да ги прекинат кавгите, зашто како и во животот така и по смртта ние се грижиме за тоа краевите на вселената да ги сведеме кон мир и согласност. Имајќи го ова предвид, соедини го во еден ден нашиот спомен и како што ти прилега состави ни празнична служба и дај ја на другите, за да имаме еднакво достоинство пред Бога. И ние, на тие што го почитуваат нашиот спомен ќе им бидеме помошници при спасението, зашто се надеваме дека имаме некоја заслуга кај Бога”. Кажувајќи му го тоа на епископот тие почнале да се креваат кон небото, светејќи со неискажана светлост и повикувајќи се еден со друг по име.

Loading